Извештајот на МВР за Онишченко е изготвен, ќе биде доставен до Собранието и до ЈО

23

Треба да постои одговорност и таа да се лоцира, потенцира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со случајот со украинскиот државјанин Олександер Онишченко, кој иако бил на црната листа на САД, сепак доби македонски пасош.

Сериозно треба после овој случај, нагласи Спасовски во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, да се размисли и во делот на доделувањето таков вид државјанство.

Спасовски информира дека е готов извештајот на МВР и тој ќе биде доставен до претседателот на Собранието и до надлежното Обвинителство. Според него, има и технички пропуст, што не е од сега, туку е од многу од поодамна.

– Се прибираат уште докази и ќе ги видиме насоки што ќе бидат дадени, во делот на Јавното обвинителство. Јас се сомневам дека е можно да биде искористен тој практично технички проблем во системот за да може нешто вакво да се случи. Ние имаме извештај и во извештајот посочуваме одредени работи што треба да бидат превземени, а ќе видиме секако и според насоките на Јавното обвинителство и понатаму да се продолжи во собраниската Комисија во која ќе треба да се дебатира, појасни министерот Спасовски.

Тој прецизира дека МВР нема надлежност да дава позитивно мислење, туку во други постапки во делот на државјанството тоа го прави Одделот за управни работи. Во ваков случај, додаде тој, одлука носи Владата врз основа на сите мислења што се потребни во овој дел.

– Мојот став секогаш на Влада бил многу јасен и концизен дека не смее да се даваат државјанства, иако се има дискреционо право за тоа да се добива државјанство ако имаме негативни мислења без разлика од каков тип. Меѓутоа сериозно сметам дека треба да се разговара на оваа тема и во однос на укинувањето на таква можност за добивање државјанство, истакна Спасовски.

Тој забележа дека не може стратешкото партнерство со САД да се нарушува по ниту една цена, кога оваа земја најмногу не поддржуваа од нашата независност досега.

– Најмногу ни помогнаа да ги развиваме капацитетите и најмногу вложија во институциите да бидат функционални, рече Спасовски.

На прашањето дали во овој случај се работи за корупција или можеби за руско влијание во нашите служби, министерот Спасовски одговори дека тоа ќе мора да го покаже внатрешната истрага што ја прави АНБ и тие ќе излезат со свои аргументи и факти.

– Целиот овој случај треба да се заврши до крај. Да се расчистат овие состојби, со цел да не се остава ниту една дамка. На крајот од краиштата, секој еден што смета дека некој друг интерес му е поважен од интересот на државата, нему не му е место во безбедносниот сектор, посебно не во АНБ, рече Спасовски.