Во Словенија штотуку излезе од печат избор од поезијата на Ацо Шопов на македонски и во препев на словенечки јазик. Под наслов преземен од песна на Шопов –  „Златен круг на времето“, ова обемно и луксузно издание воспоставува дијалог помеѓу неговата поезија и уметничките дела на академскиот сликар Боге Димовски. Ова е прв избор од поезијата на македонски класик објавен во странство во ваков формат, којшто ги обединува сите препејувачи, односно преведувачи што во децениите наназад се имаат посветено на пренесување на моќта на македонската поетска реч во кодот на својот мајчин јазик.

Во овој двојазичен избор од поетското творештво на „вечниот поет“ како што е наречен Шопов од Драги Стефанија се застапени песни од сите збирки на македонскиот класик, распоредени во неколку циклуси. Изданието содржи и обемна студија за словенечките преводи на поезијата на Ацо Шопов и за рецепцијата за неа во словенечката културна средина, од истакнатата македонистка и славистка, проф. д-р Намита Субиото, раководителка на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.

Изборот е објавен од Сојузот на македонските културни друштва во Република Словенија, а е резултат на комплексен проект за истражување на присуството и рецепцијата на поезијата на Шопов во Словенија. Проектот е инициран од Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и остварен е во текот на 2023 година.

Инаку, Шопов е прв македонски автор објавен во Словенија – избор од неговата поезија под наслов „Слеј се со тишината“ е објавен на словенечки во 1957, а како културен деец и како препејувач дал значителен придонес во развивањето на македонско-словенечките културни врски. Негов е и препевот на македонски јазик на познатата поетска книга за деца „Цицибан“ од словенечкиот поет Отон Жупанчич, објавен во 1951, којшто неколку децении беше и лектирно издание.

Изборот „Златен круг на времето“ е финансиска поддржан од Јавниот фонд за културни дејности на Република Словенија. Во Словенија веќе се закажани и првите промоции на книгата, и тоа во Љубљана и во Крањ.