Изборни стратегии и изборен менаџмент

103

Изборите се процес преку кој народот (односно гласачите) им го доверуваат извршувањето на политичка власт на политичарите и ги овластуваат политичарите да управуваат со државата во нивно име. Токму затоа, слободно може да се каже дека изборите се извор и темел на легитимитетот на целокупниот систем на државна власт. Заради тоа, политичките партии или независните кандидати кои се учесници во еден процес, мораат одлично да го познаваат овој процес, да имаат развиено уникатни методологии и стратегии, и да имаат детално разработени планови и сценарија како да ја остварат својата зацртана цел, а тоа е да убедат колку што може повеќе гласачи дека програмата која ја нудат е вистинската и дека е во нивен интерес да им го дадат својот глас токму на нив. Или накратко кажано, да имаат соодветна изборна стратегија и да имаат добар изборен менаџмент во својата изборна кампања.

Современите изборни кампањи се многу комплексни друштвени и комуникациски процеси, кои методолошки се одвиваат на релација помеѓу три клучни актери кои се основните столбови на изборните кампањи и политичката комуникација: политичките кандидати, јавноста (гласачите) и медиумите. Разбирањето на соодносот и пронаоѓањето на балансот помеѓу овие три актери треба да биде главната задача при изработката на изборната стратегија и изборот на соодветната методологија. Денешните политички кандидати се соочуваат со многу голем број предизвици кои мораат да ги совладаат, доколку сакаат да добијат кредибилитет пред јавноста и пред медиумите, како на пример: одлично владеење на политичкиот дискурс, да поседуваат вештини за користење на комуникациски алатки, мораат физички да се добро подготвени, постојано да се концентрирани и уште низа други работи. Од друга страна, гласачите стануваат сè поискусни и поинформирани, и за старите концепти на кажување на она што сакаат да го слушнат или обидите за блефирање на гласачите веќе нема место со современото политичко дејствување.

Третиот важен актер во изборниот циклус, медиумите, се исто така огромен залак за секој политички кандидат, бидејќи нивната бројка постојано расте, нивното влијание се зголемува и се многу важни како креатори и обликувачи на јавното мислење. Пронаоѓањето на вистинската комуникациска стратегија е есенцијален елемент во изготвувањето на изборната стратегија, затоа што медиумите се филтерот низ кој се интерпретираат, анализираат и проверуваат зборовите на политичките кандидати.

Помина времето кога на политичарите им беше доволно само да одат и да се насмевнуваат опкружени со цела армија советници, кои се задолжени нивниот „шеф“ да изгледа паметно. Денешните современи политичари, барем оние кои сакаат да остават значаен белег во општеството и да бидат запаметени по одлични резултати, мора да бидат одлично технолошки едуцирани, да ги познаваат современите комуникациски стратегии, да имаат познавање од голем број области и да го познаваат својот електорат. Ако ги немаат овие карактеристики, јавноста лесно ќе препознае дека овие лица се само форма без суштина, и нивната политичка кариера ќе трае многу кратко. А ниту граѓаните, ниту државата не заслужуваат некомпетентни кадри да управуваат со нив, туку напротив, оние коишто ја управуваат државата треба да бидат најдобрите, најодговорните и најсмелите.

Мартин Стојановски

Центар за безбедносни истражувања