Премиерот Зоран Заев е подготвен да свика лидерска средба за Законот за јавно обвинителство, ако има потреба за тоа, но нагласи дека сепак треба да се даде шанса за решение по законски пат.
– Очекуваме од работните групи да кажат дали има потреба за лидерска средба. Тие денеска имаат средба. Ако тие заклучат, двете страни од работните групи, јас сум подготвен за средба со господинот Мицкоски и други лидери ако треба. Целта е да се изнајде решение за Законот за јавно обвинителство, изјави Заев по посетата на болницата „8 Септември“.
Во однос на тоа дали има план Б или 80 пратеници, премиерот Заев, рече дека не размислувал за тоа бидејќи треба да се даде шанса за решение по законски пат.
– Не сум размислувал за тој дел, затоа што навистина верувам во законско решение. Веројатно кога еден независен правосуден орган како што е Советот на јавни обвинители алудира до политичарите и пратениците да дадат свое толкување, ние ќе ги разгледаме сите причини за да донесеме одлука. Верувам дека низ законот ќе се најдат сите решенија. Да му дадеме шанса на законот. Да преговараме до крај и да не се избрзува со разрешувања, оставки и слично. Имаме седум дена. Треба да се најде решение. Голем дел од финесите се решени, порача Заев.
Прашан како писмото од Катица Јанева од Истражниот затвор за префрлање на предметите од СЈО во ЈО ќе влијае на преговорите меѓу власта и опозицијата за Законот за ЈО, Заев рече дека може само позитивно да влијае.
– Секогаш наша цел било и останува до крај да најдеме договор. Договорот е гаранција за реализацијата на новото законско решение. Посебно во правосудниот систем. Знам дека денеска веќе има формирано работна група. Стојам на располагање на потребите на работната група да се придодадам и јас и господинот Мицкоски, секако доколку прифати. Сериозно е прашањето. Не сме толку далеку од решение. Може да се изнајде решение. Верувам дека може да се најде решение. 15 септември доаѓа и да не се најде решение, предметите одат кај државниот обвинител. Ако се најде решение по законот, пак одат кај државниот обвинител, значи секако е тоа решението. Веројатно на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева тоа е и поривот да ги предаде предметите, изјави Заев.
Заев уште еднаш повтори дека верува во договор и Парламентот со консензус да го изгласа Законот за јавното обвинителство. Запрашан како е воопшто можно некој што е во притвор да издава наредби и управува со институции, Заев рече дека има деловни луѓе кои потпишуваат плати од притвор.
– Им се носи налог. Со дозвола на судија. Сето тоа е регулирано во законот. За секој граѓанин тоа што е овозможено, е овозможено и за Катица Јанева, која се наоѓа во притвор како и други притвореници, изјави Заев.
Во меѓувреме во Министерството за правда во петокот продолжија консултациите за Законот за јавно обвинителство со експертската работна група, а беше предвидено и во Собранието да продолжат преговорите меѓу работните групи на власта и опозицијата.
Камбовски: ЈО може да ги преземе предметите на СЈО
Предметите на СЈО може да преминат во Јавното обвинителство и за тоа има законска основа, вели академик Владо Камбовски кој учествува на консултациите во Министерството за правда за новиот закон за јавното обвинителство.
– Државниот јавен обвинител има овластување според уставната поставеност на Јавното обвинителство која е заснована на хиерархиска субординираност, да презема предмети од други обвинителства. Тоа решение треба да се реализира и според мое мислење предметите треба да се доделат на обвинителите од СЈО, рече Камбовски.
Друга варијанта, според него, е Специјалното јавно обвинителство да се спои со Обвинителството за организиран криминал и корупција, да се избере нов специјален обвинител и СЈО да продолжи да ги води предметите.
Калајџиев: Ова е крај за СЈО
Специјалната јавна обвинителка нема овластување ниту во нормални услови, ниту пак сега кога е во притвор да ги делегира предметите од СЈО во друго обвинителство, вели универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, кој е дел од експертската работна група во Министерството за правда. Според Калајџиев, не постои интерес во земјава да има самостојна и независна институција за борба со корупција и оти очигледно ова е крај на Специјалното јавно обвинителство.
-Таа овие предмети ги добила со закон и мора да ги работи. Во случајот има поднесено оставка и не може да се однесува во стилот после мене потоп. Можеше да се избере нов јавен обвинител, но најстрашно е што за такво нешто не постои интерес. Очигледно ова е крај на СЈО, не постои интерес во земјава да има самостојна и независна институција за борба со корупција. На крај мора да признам со жалење дека СЈО е само злоупотребено за да се бутне ВМРО-ДПМНЕ од власт, вели Калајџиев.
Според Калајџиев, СЈО може да довери некој предмет на друго обвинителство, но тоа би било еден конкретен предмет, а не сите.
-Никаде во законот не е предвидено СЈО да ги предаде сите предмети, особено не во ваква ситуација каде што на Јанева практично ú е завршен мандатот и каде што нема политичка волја да се избере нов обвинител. Политичките партии треба да кажат зошто немаат интерес СЈО да продолжи да работи. Постои законска обврска три месеци пред истек на мандатот на Јанева да се избере нов обвинител. Тоа што таму негде се прави нов закон, не треба да ги спречи во почитувањето на оној закон што веќе е на сила, вели Калајџиев.