Играј со кучето или мачето додека не ти здосади, а потоа фрли го на улица!

345

 Ова кај нас стана практика особено откако во последниве година и половина или две, кога заради пандемијата сите бевме во карантин, некои си зедоа на чување куче или маче за да имаат со што да се забавуваат, а откако веќе не им беа потребни ги оставија на улица, а како најчести причини за напуштањето ги наведуваат: селење во друг стан, одење во странство, поради алергија итн. Граѓаните реагираат: „Нека му купи играчка на детето, а не живо суштество. Што не ги оставаат децата кога се селат. Додека В.Д. директорот на јавното претпријатие „Лајка“, Војислав Димитровски порачува доколку некој сака да се откаже од својот домашен миленик да дојде и да го предаде во стационарот на официјален начин, па откако ќе биде соодветно третиран ќе му биде пронајден и соодветен дом

Сè почеста е појавата неодговорни сопственици кои зеле куче или маче на чување, откако ќе им здосади, да го остават на милост и немилост на улицата. Ова е сега посебно изразено, откако во последниве 1,5 година или две, кога заради пандемијата сите бевме во карантин, некои си земаа на чување куче или маче за да имаат со што да се забавуваат, а откако веќе не им беа потребни, ги оставија на улица.

Дека е алармантна бројката на сопственици кои се откажуваат од своите миленичиња укажува на својата фејсбук-страница и Тина Мицковска, заменик на директорот на Зоолошката градина, а претходно портпарол. Таа во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека образложенијата на сопствениците за ваквата нивна постапка се различни и банални.

– Најчести се изговорите дека се присилени тоа да го сторат поради селење во друг стан, одење во странство, поради алергија итн. Но, тоа се само банални оправдувања. Вистинската причина за таквото нивно однесување е тоа што кај нас нема кој да го спроведува законот и да бидат казнети за напуштање на миленик. Треба да сфатите дека миленик е веќе дел од семејството, тоа е исто како да се откажувате од член на семејството. Тие веќе се навикнати на вас, на домот, цела љубов за вас ја имаат и ако на таа возраст ги дадете некаде е тешко за нив да се привикнат. Ќе бидат под стрес и голема е веројатноста тој што ги вдомил да ги исфрли на улица поради нетрпеливост затоа што се даваат на првиот кој ќе им се јави, само за да се отарасат од нив – вели Мицковска.

Оваа нејзина констатација  ја поткрепуваат и граѓаните.

– Кога почна пандемијата во март 2020 сите земаа куче, маче, зајаче за да се занимаваат кога имаше карантин и кога децата учеа онлајн и сега ги гледаме последиците. Точно по 1,5 година или две, сакаат да се ослободат од нив –  коментираат граѓани.

Јасминка Поповска вели дека Националниот закон за заштита и благосостојба на животните сè уште е мртво слово на хартија!

– Надлежните кои сите ние ги плаќаме од нашите даноци се прогласуваат за ненадлежни и најбирократски си го префрлаат жешкиот костен меѓусебно! Во најголем дел, нивната работа ја одработуваат здруженија за заштита на животните и поединци кои се ставаат себеси и во ризични ситуации за да спасат животинче од насилен примитивен сопственик, или со сериозни садистички психички проблеми. Сите што напуштаат миленик треба да ја платат казната за напуштањето во вредност од 30.000 денари – смета Поповска.

Маја Крстиќ вели дека миленичињата се напуштаат од несовесни сопственици, бидејќи нема казни или им поминал меракот на децата.

– Нека му купи играчка на детето, а не живо суштество. Што не ги остават децата кога се селат – прашува Крстиќ.

Елизабета Богдановиќ прави споредба и вели дека во Германија додека купиш или вдомиш милениче, треба се поминат различни тестови, а законите се престроги, додека кај нас домашните миленици ги земаат од помодарство.

– Земаат кучиња за да се „ин“. Јас, лично, вдомив второ куче кое беше исфрлено од сопствениците. Тие имаат душа и љубов повеќе од луѓето. И овде мора да има построг закон – реагира Богдановиќ.

Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ велат дека токму неодговорните сопственици се главната причина за неконтролираното размножување и зголемувањето на популацијата на бездомни животни.

– Кај нас иако законот определува обврска да се биде одговорен, сепак не ги задолжува сопствениците да ги стерилизираат своите миленици. „Анима Мунди“ неколку пати бараше и предлагаше задолжителна стерилизација на миленици, освен во случаи на регистрирана одгледувачница. За жал, кај нас воопшто не е регулирана оваа дејност, така што, со неконтролираното размножување расте и сивата економија која непречено функционира. Се размножуваат легла и се продаваат, без притоа да има евиденција на тие легла и без да се плаќа данок од страна на сопствениците – објаснуваат од ова здружение за заштита на животните.

Она што е неопходно според нив, доколку се сака да се третира проблемот со бездомните кучиња е да се влијае на причинителот на проблемот, а тоа е неодговорното сопствеништво, а не само да се третира и пријавува за миг симптомот, т.е. новите и новите легла на улиците.

– Ние во даден момент истите животни и да ги стерилизираме не можеме да го решиме проблемот, доколку не дејствуваме врз причинителот, а тоа се граѓаните кои се сопственици на животни. Мораме да поттикнеме одговорно сопствеништво, да едуцираме за важноста од стерилизацијата и законски да се регулира напуштањето на миленик и неконтролираното размножување како казниво дело – нагласуваат од „Анима мунди“.

В.Д. директорот на јавното претпријатие „Лајка“, Војислав Димитровски, порачува доколку некој сака да се откаже од својот домашен миленик да дојде и да го предаде во стационарот на официјален начин.

– Овде кај нас тој ќе биде комплетно третиран, стерилизиран, вакциниран. Третманот чини 12.000 денари, што е реална цена и е таква било каде да отидете. Со тоа, сопственикот официјално се откажува од животното и тоа преоѓа во сопственост на „Лајка“ од каде што потоа му се наоѓа соодветен дом, односно соодветно се вдомува  – истакна Димитровски.

Тој објаснува дека доколку се работи за напуштено куче од сопственик тоа останува во стационарот 30 дена, понекогаш има и исклучоци кога останува и нешто повеќе додека не се вдоми, но доколку се работи за бездомно куче, по третманот тоа се враќа назад онаму од каде што било заловено.

Димитровски смета дека сегашните казни за напуштање на домашен миленик за сопствениците се премали , со оглед на тоа што изнесуваат 15 евра и потенцира дека би требало да бидат повисоки и да изнесуваат 150 евра, со оглед на проблемот со бездомните кучиња кој е предизвикан главно од тие напуштени кучиња од своите сопственици, односно од несоодветното нивно чување.

(А.П.)