Сè уште не се смирија страстите околу трансферот на Ентони Браун во Њу Ингланд Петриотс, а нов скандал ја тресе НФЛ лигата. Имено, истиот играч е обвинет за силување на гимнастичарка.

Браун прво беше суспендиран по кавгата со тренерот на Окланд Рејдерс, поради што си замина од тимот со отштета од 29 милиони долари, а веднаш потоа се договори со Петриотс, од каде ќе заработи 15 милиони долари за една сезона, плус шест милиони во зависност од остварените бонуси.

Сепак, оваа приказна добива нова димензија откако Браун пред два дена беше обвинет за силување на својот тренер.

Како што пренесува „Њујорк тајмс“, против Браун е поднесена федерална тужба во која се товари за силување на Бритни Тејлор, гимнастичарка која ја запознал на колеџ во Централен Мичиген и која е ангажирана како негов фитнес тренер.

  • Одлуката да зборувам и да признаам дека сум жртва на силување не беше ни малку лесна. Но, најдов сила во моето семејство, како и храброст од другите жртви на силување. Јавното признавање го намалува срамот што го чувствував претходните години. Соработував со НФЛ лигата и со секој на кој му беше потребна помош, но во овој момент, ги молам медиумите да ја почитуваат мојата приватност, се вели во изјавата на Бритни Тејлор објавена од нејзиниот адвокат.

Во тужбата се тврди дека Браун сексуално ја малтретирал Тејлор во два наврати во јуни 2017 година. Тој првпат се соблекол пред неа и ја бакнал без нејзина согласност. Втор пат, инцидентот бил далеку понесоодветен, но истиот не е ниту за коментар во јавноста. Во мај 2018 година, според тужбата, Браун насилно ја фрлил на кревет и ја силувал, додека таа се обидувала да го оттргне од себе, велејќи му да престане.