Игор Џамбазов: Реткост и среќа е да добиеш награда што го носи името на твојот дедо

206

Наградата „Петре Прличко“ за животно дело во актерската дејност, насловена по неговиот познат дедо, на македонскиот актер, пејач и шоумен Игор Џамбазов му беше врачена вчеравечер на отворањето на фестивалот, кој Градот Велес го воспостави токму во чест на доајенот на македонското глумиште, Петре Прличко, роден велешенец

 

„Ја имав таа среќа да почувствувам нешто што ретко кој го има почувствувано. За да се уверам дека тоа навистина е така, направив интернет истражување, и не пронајдов таков случај никаде во светот. Да добиеш награда што го носи името на твојот дедо. И плус фестивал што се вика 5-ре, @petreprlicko5re, исто како и неговиот уметнички потпис. Незаборавна вечер полна со емоции, многу смеење и солзи радосници. И духовити колеги кои отворањето го направија во стилот на “оскарите”. Ви пожелувам на сите по една ваква ноќ во животот. И добро утро. Одам малку да се порадувам…“, напиша на својот инстаграм-профил Игор Џамбазов по добивањето на наградата „Петре Прличко“ за животно дело во актерската дејност во рамки на нововоспоставениот фестивал во Велес насловен „5ре“. Наградата насловена по неговиот познат дедо на македонскиот актер, пејач и шоумен му беше врачена вчеравечер на отворањето на фестивалот кој Градот Велес го воспостави токму во чест на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко, роден велешенец.

Пред почетокот на фестивалот претставници од Општината Велес на великанот Петре Прличко, му оддадоа почит пред неговата биста во Младинскиот парк. „Заедно со неговиот внук и добитник на истоимената награда за животно дело, Игор Џамбазов, претседателот на Советот на Општина Велес, Зоран Љутков и организаторите Ненад Витанов и Жарко Спасовски положивме свежо цвеќе, сеќавајќи се на богатата ризница која Прличко ни ја оставил во наследство. ‘5ре’ започнува наскоро, Велес живее!“, напиша велешкиот градоначалник Марко Колев на својот фејсбук-профил.

Инаку, фестивалот, кој ќе трае до 28 мај, ќе има ревијален карактер и годинава ќе претстави седум хит комедии од македонските театри и две претстави за деца.

На 21 мај, во рамки на фестивалот, ќе гостува прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ со комедијата „Да Инспекторе“. На 25 мај, пак, е претставата „Вардарски пастуви“ на Тетарот Комедија од Скопје, на 26 мај „Пасивно пушење“ со гостување на штипскиот театар, a на 27 мај – „Не се клади на Енглези“ на МНТ. Сите претстави ќе бидат на сцената на велешкиот Народен театар освен последната на 28 мај, кога е и затворањето на фестивалот на отворено на сцената во Младинскиот парк, со стенд-ап настап на Тино и Атанас. Во рамки на фестивалот ќе има и две детски претстави, првата е на 26 мај во 13 часот – „Чунголунговски, Пепелашка и Принцот Тортичка“ и втората на 28 мај во 12 часот кога ќе гостува Театарот за деца и младинци со претставата „Супербајкастично“.

 

За Зоран Љутков, актер и актуелен претседател на Советот на Општина Велес, логично е градот Велес и велешката театарска публика да добие ваков фестивал. „Ова не е ниту случајно, ниту инцидентно, туку логичен потег, Велес да добие ваков театарски фестивал, со домашни популарни претстави на македонските театри. Се надевам дека ќе доживее голем успех“, рече Љутков.

Основач и покровител на фестивалот е Општина Велес, а организатор е Здружението со делегирана надлежност „Плус публика“ Велес. (Н.И.Т.)