Ива Дамјановски за „Мојата песна се фрла од мостот“ е лауреат на поетскиот конкурс за необјавена песна „Антево слово“ за 2021/2022 година. Наградата е дел од Меѓународна поетска манифестација „Анџело ла Векија“ која се остварува во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.

Според Атина Цветаноска, член на жири-комисијата на „Антево слово“, експресивната мисла на Ива Дамјановски е луцидно покажана во нејзината песна.

„Нејзината песна е жив организам кој битиствува во реалноста која ја опкружува и се стопува во живиот и неживиот свет. За неа стиховите се органско продолжение на нејзината суштина и се истовремено и орудие и екпресија и израз на внатрешен животен порив. Стиховите се иновативни, современи и во исто време едноставни што прави оваа песна да се чита лесно, но и да побуди прашања и размислувања за есенцијата на животот“, вели Цветаноска.

Ива Дамјановски е родена 1996 година во Скопје. Таа е дипломиран пијанист и моментално работи на своите магистерски студии на Libera Università di Bolzano на Катедрата за музикологија, како и на Катедрата за музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ – Скопје. До сега има издадено две збирки поезија, насловени „Тие“ и „Двоумење“, како и две научни статии од областа на музикологијата. Добитничка е на престижната поетска награда за поезија „Браќа Миладиновци“ во 2020 година.

Втората награда на „Антево слово“ за 2021/2022 ја добија Елизабета Бандиловска за „Солзите на светот“ и Михајло Костадиновски за „Младост за перење“, третата награда им припадна на Љубинка Донева за „Птиците и гробиштата“ и Димче Шипинкаровски  за „Прочка“, а наградата за млад автор и е доделена на Мелани Иванова за „Порака за мир“.