Иванов да побрза со резервација на терминот за годишно обраќање

52

Досега нема најава од претседателот на државата, Ѓорге Иванов дека сака да има годишно обраќање во Собранието. Собранискиот спикер Талат Џафери му порача на шефот на државата да побрза со доставувањето на барање, за да може, како што рече, да му обезбеди термин за собраниска седница.

-Ако Кабинетот на претседателот на државата навреме не испрати барање кога планира да се обрати во Собранието, може за него да нема термин, рече претседателот на Собранието на брифинг со новинарите.
Собранието овој месец е со набиена агенда со оглед на седницата за донесување на Буџетот за идната година и поради седницата на која треба да се гласаат уставните измени согласно Договорот со Грција за промена на уставното име во Република Северна Македонија.

Мандатот на Иванов истекува на 2 мај наредната година, а претседателските избори ќе бидат распишани најверојатно на крајот на јануари или почетокот на февруари, информира Џафери.
Претседателот ќе ја исполни својата уставна обврска, информираат од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов по информацијата дека до Собранието се уште не е пристигнато писмо од претседателот за одредување датум за годишно обраќање.

-Согласно член 85 од Уставот на Република Македонија, претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно. Претседателот Иванов ќе ја исполни својата уставна обврска во текот на 2018 година. Како и досега, така и во иднина, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ќе постапува единствено и исклучиво согласно Уставот и законите на Република Македонија, посочуваат од претседателскиот Кабинет.