Зошто Јоце Панов е лут и навреден? Тема за дилема!

483

“Емисијата беше со прилично деликатна тема: сељачизам, како, на пример, што се кич, сељачка музика, кои се сељачки манири?… Некои зборови беа извадени од контекст, беа објавени само некои исечоци од емисијата со цел да се зголеми процентот на гледаност, без притоа да размислат дали ќе ме понижат, дали ќе ми направат проблем, дали ќе предизвикаат појава на гнев и омраза кај одредена популација кон мене…”

(Дуле Миќиќ/фото:Архива-ФБ)

Неодамна се водеше жестока дебата во ТВ-емисијата „Нешто конкретно“ (кај водителката и авторка Снеже Велков), а темата беше многу скокотлива, се зборуваше за сељачизмот како начин на живеење во град. Меѓу гостите беше и многу популарниот поп-пејач Јоце Панов, кој остави впечаток на најинтересен гостин. Освен што се обиде да го објасни овој феномен, тој демек кажа дека не познава ниту еден скопјанец што има дедо од Скопје. Јоце го демантира тоа, вели дека изјавата му е многу лошо пренесена. Затоа е многу лут!

А, токму тоа предизвика лавина реакции на социјалните мрежи и, што е најчудно од сè, реакциите беа под секое ниво, полни со навреди и омраза (како „ако некој не знае што е сељак, нека го погледне Јоце“). Се разбира, сето ова е упатено на адреса на Панов, кој не се стегаше да каже дека тоа е резултат на „живеењето во ова лудо време“. Пејачот, сепак, јуначки ја издржа целата оваа врева, но не им остана кус да им врати на таквите со сочен коментар:

–  Оставив простор од неколку дена пред да ви се обратам, за да видам до каде можат да одат поединци со своите коментари, како и со способноста за извртување на моите зборови, сè со намера да ме претстават во некое погрешно издание и лошо светло.

Забележав дека некои зборови беа извадени од контекст, беа објавени само некои исечоци од емисијата со цел да се зголеми процентот на гледаност, без притоа да размислат дали ќе ме понижат, дали ќе ми направат проблем, дали ќе предизвикаат појава на гнев и омраза кај одредена популација кон мене или ќе ги поттикнат оние што со нетрпение очекуваат да прочитаат нешто што не е точно и да го искористат тоа за да си ја олеснат душата од гневот што, секако, со години го имаат кон мене. Јас не им се обраќам ниту на првите ниту на вторите, бидејќи тие, секако, и по ова ќе продолжат со својата работа (да шират гнев и омраза), а дел од нив го покажаа тоа и изминативе денови со насловите и ужасните коментари, на пример за девојка што објави убава вест дека е побарана за сопруга и дека ќе стане мајка.

Јас им се обраќам на оние што се само набљудувачи и добиваат информации од горенаведените без да ја гледаат емисијата, без да ја согледаат поентата и без да увидат самите во кој контекст биле кажани нештата и со каква порака.

Емисијата беше со прилично деликатна тема: сељачизам, како, на пример, што се кич, сељачка музика, кои се сељачки манири, за дијалектите, за провинцијалците, за тоа како децата во училиште ги навредуваат оние деца што зборуваат на дијалект и слично. Јас јасно потенцирав само за „оние што се нарекуваат скопјани”, а навредуваат други што зборуваат на дијалект (а не за сите). Затоа и прашав дали и мојот син утре ќе се декларира како скопјанец само затоа што е роден во Скопје, дали тој ќе треба да понижува или исмејува деца што зборуваат на друг дијалект, а неговиот татко (јас) дошол од Штип.

Ако ја сфатите мојата поента и ако сите ги учиме своите деца на основните вредности и на морално однесување – дека не смеат така да размислуваат и да понижуваат, бидејќи не постои човек што во своите корени, поколенија, нема некој што не дошол од друго место, дали татко или мајка, дедо, баба, прадедо, прабаба, ако сите на тој начин ги воспитуваме нашите деца и ако им укажеме дека со понижување на друго дете што дошло од друг град, можеби, исмејуваат и некој од своето семејство, дури тогаш нема да имаме раздор и поделби помеѓу децата.

На крајот од краиштата, најважно е да бидеме луѓе и да шириме љубов и позитивна енергија.