Зошто се запали РЕК Битола?!

770

Во РЕК Битола повторно се произведува струја, откако пред два дена изби пожар и беа исклучени двата блока. Она што е сомнително е дека пожарот се случува среде енергетска криза, односно пред најавената одлука на Владата за прогласување на кризна состојба. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека пожарот се случил поради неработењето, криминалот и нестручноста на СДСМ. Од АД ЕСМ најостро ги демантираа сите шпекулации за наводно нестручно и несовесно работење и оперирање со оглед на тоа што се работи за процес на производство со опрема стара над 40 години. Истрагата треба да утврди дали пожарот избувнал од инсталациите или, пак, е предизвикан од човечки фактор, како што пишуваа некој од медиумите.

-За помалку од еден час Блок 1 беше рестартиран и вратен, па сега работи со полн капацитет. Пожарот почна на еден од изолаторите на надворешниот трансформатор на Блок 3 и со брза интервенција на противпожарните служби беше изгаснат. Не се дозволија дополнителни хавариски оштетувања. Локацијата е обезбедена и екипи на АД ЕСМ и на надлежните служби ќе ги истражуваат причините за настанот, соопштуваат од АД ЕСМ.

За производство на струја нема да се користи Блок 3, туку побргу ќе се работи на рестартирање на Блок 2 во РЕК. Со оглед на тоа што оштетувањето на трансформаторот на Блок 3 е од поголеми размери, истиот одреден период нема да биде во можност да биде приклучен во производниот систем. Истовремено, Блок 2 беше во редовни сервисни активности за подготовка за работа од декември, но со оглед дека има потреба од побрзо вклучување, од следната недела и Блок 2 ќе функционира со полн капацитет, велат од ЕСМ.

Ова го потврди ставот на експертите според кој термо-блоковите не се квалитетно ремонтирани модернизацијата на котлите не е довршена, десулфуризацијата не е направена, ниту еден проект за подобрување и одржување на опремата не се реализира. Во последните 5 години имаме повеќе хавариски ситуаци, отколку нормален производствен процес.

Поради тоа тие сметаат дека не може за толку кратко време да се произведе струја, бидејќи не е направен ремонт на блоковите на РЕК Битола. Според нив за да се подготви РЕК Битола и да почне со производство потребни се неколку месеци.

Она што е сигурно е дека државата одамна е веќе во енергетска криза, бидејќи домашното производство задоволува само 50 отсто од потребите за струја. Стабилизација на состојбата во енергетскиот сектор се очекува дури кон средината на следната година.

(А.С.)