Оваа година ја обележаа два големи меѓународни спортски настана: Европското првенство во фудбал во Германија и Летните олимписки игри во Париз, 2024 година. Во текстот ќе се осврнеме на ЛОИ во Париз. Направивме анализа на постигнатите резултати на некои спортски нации, а фокусот го ставаме на падот/регресот на резултатите на германските спортисти, како и на подемот на резултатите на кинеските спортисти. Одиме редоследно.
Свечено отворање на ЛОИ
За првпат во историјата на современиот олимпизам церемонијата на свеченото отворањето на Летните олимписки игри излезе од својот традиционален модел, односно за првпат се одржа надвор од централниот олимписки стадион што беше вистинско изненадување за широката спортска и меѓународна јавност. Од сценски аспект, свеченото отворање беше иновативно, aтрактивно и провокативно за идните организатори на игрите. Свеченото дефиле на спортистите, исто така беше иновативно и возбудливо. Наместо на олимпискиот стадион во Париз, свеченото дефиле беше на бродови кои пловеа по реката Сена во кои беа сместени спортистите од сите држави-учеснички со своите национални обележја-знамиња. На свеченото отворање настапија многу музички sвезди, но најголемо внимание привлече популарната и славна пејачка, Селин Дион, кои многумина ја паметиме по музиката од култниот филм Титаник, кој доби 12 оскари, меѓу кој и за музика.
Листа на освоени медали
Ако ги погледнеме сите табели на освоени медали на сите Летни олимписки игри, ќе воочиме дека во најголем дел од Олимписките игри, најмногу медали освојуваат спортистите од САД. Второто место, со исклучок на две-три Олимпијади, беше резервирано за спортистите/ските од СССР, односно Русија. Во текот на Студената војна и блоковската поделеност на светот на НАТО-алијанса и Варшавски пакт, натпреварувањето на спортистите, фигуративно кажано, од Исток и од Запад доби идеолошки предзнак. Освоените медали се броеја и се гледаа од идеолошка припадност (социјалистичка и либерална).
Што се случува со резултатите на спортистите од Германија?
До Олимпијадата во Сеул во 1988 г. и Барселона во 1992 година, спортистите од Германија (Западна и Источна Германија) беа рангирани од третото до петтото место по освоени медали. Во Сеул во 1988 година, спортистите од СССР освоија вкупно 132 медали (55 златни, 31 сребрен и 46 бронзени), додека Источна Германија беше на второто место по освоени медали. На таа Олимпијада, спортистите од Источна Германија освоија вкупно 102 медали (37 златни, 35 сребрени и 30 бронзени), додека спортистите од Западна Германија освоија вкупно 40 медали (11 златни, 14 сребрени и 15 бронзени). Двете Германии на ОИ во Сеул, Јужна Кореја, освоија вкупно 142 медали, што е за 10 медали повеќе од прворангираниот СССР, кој освои 102 медали. Источна Германија, со своите тогашни 18 милиони жители, имаше статус на спортска велесила. Германците од Истокот имаа врвни атлетичарки и атлетичари, гимнастичари, пливачи и пливачки итн. Денес, иако е обединета, наместо да биде спортска велесила, Германија е далеку од поранешните резултати.
На што се должи ова?
Според мене, огромно влијание врз постигнатите резултати на германските спортисти по 1990 година има обединувањето на државата во една. Локомотива на одличните спортски постигнувања во периодот на Студената војна беа идеолошките разлики и блоковската припадност на двете држави. Генерално, натпреварувањето на спортистите на Олимписките игри меѓу двете германски држави се сведе на тоа која држава ќе освои повеќе медали. Супериорноста на спортски план подразбираше супериорност на политички план. Борбата за медали се распламтуваше по идеолошка основа. Бројот на освоените медали, пред сè на златни, на Источна и на Западна Германија се гледаше низ две призми. Првата беше низ призмата на идеолошката припадност на државата (комунистичка и капиталистичка), а втората низ призмата на блоковската поделба на светот (источен и западен блок). Со обединувањето на Германија и со распаѓањето на Варшавскиот воено-политички блок во 1990 година, големите спортски манифестации во светот (олимпијадите и светските првенства) го прекинаа ривалството на спортистите по идеолошка и блоковска поделеност и статистиката на освоени медали доби национално значење. Како што одминуваа годините, Германија ја загуби битката на спортски план со Кина, иако таа и понатаму е меѓу првите 10 спортски нации во светот.
Втора причина за помалку освоени медали на Германија е отворањето на Кина во меѓународните односи и нејзиното учество на сите олимпијади и светски првенства. Во поновата историја на олимпизмот на НР Кина, како спортски кам-бек се сметаа Зимските ОИ во 1980 година, во Лаке Плесид, САД. Нивното прво појавување на Летните олимписки игри, по оние во Хелсинки во 1952 година, беше на ОИ во Лос Анџелес, САД, во 1984 година. Кина на спортски план многу бргу напредува. Тоа се должи на огромното вложување во спортот и во спортската инфраструктура, но и во развојот на тренерскиот кадар, кој се едуцираше на најпрестижните универзитети во Европа, САД и во Русија. На последните две олимпијади во Рио де Жанеиро во 2016 година и во Токио во 2020 година, која се одржа во 2021 г. поради ковид-19, Кина го презеде второто место од Русија и сега е рамо до рамо со најголемата спортска сила во светот, САД. Еден ден пред свеченото затворање на ЛОИ (10.8.2024), состојбата на табелата на освоени медали покажува дека Кина има освоено 37 златни, а САД 36 златни медали. Се води мртва трка меѓу овие две мегаспортски сили. Последниот ден ќе покаже која држава ќе го има приматот на ЛОИ во Париз, но, поради времето на пишување, нема да можеме да ги споделиме резултатите од последниот натпреварувачки ден (11.8.2024).
Трет, исто така, многу важен момент што битно влијаеше врз распределбата на олимписките медали на големите спортски натпреварувања, секако, е прогресот на нови спортски нации како што се Австралија, Бразил, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Нов Зеланд и др. Напредокот на овие нации е резултат на националните политики во овие држави во однос на спортот.
Што ми падна в очи?
Во финалето во дисциплината бадминтон се сретнаа натпреварувачи од НР Кина и од Република Тајван. Спортистите од двете држави се Кинези по националност. Натпреварот беше врв по две нешта: по спортските борба и култура и по ферплејот, меѓусебното почитување и признавање на победникот. Да се потсетиме дека Тајван беше главната причина за апстинирање/исклучување на Кина од меѓународното олимписко движење. Воопшто не се забележа политиката, дека станува збор за два спротивставени страни на политички план. Во овој контекст, би спомнал уште еден, за мене, невиден позитивен пример и куриозитет во спортот, иако не произлегува од ОИ во Париз. Станува збор за фудбалскиот натпревар помеѓу Јужен Судан и Судан. кога при интонирањето на химните, немаше свирежи од публиката. Натпреварот беше фер и спортски. Овој натпревар беше во рамките на африканскиот шампионат во фудбал 2024.
Наместо заклучок
Не навивам за ниту една спортска нација, туку навивам за врвните резултати постигнати од спортистите од која било држава. Особено ме фасцинираат светските рекорди и постигнувања. Кога ќе постави еден спортист нов светски рекорд во која било дисциплина, веднаш во мене бликнува мислата дека тој спортист вложил неизмерен труд за да го постигне тоа. Оттука, сечиј добар резултат на кое било поле е еквиваленција на неговиот вложен труд, кој се мери со освоени награди, први места, медали и др. вид признанија.
Олимписките игри во Париз протекоа без руски спортисти и спортистки. Главна причина е одлуката на МОК, поради воената агресија на Русија врз Украина. Ваквата одлука на МОК ги стави руските спортисти во спортска изолација. Отсуството на руските спортисти на ОИ во Париз ќе има далекосежни последици врз развојот на спортот и спортските резултати на спортистите од оваа држава. Можеби, ова ќе значи забавување или крај на спортските кариери на многу врвни спортисти. Ќе бидам храбар и ќе дадам своја прогноза дека е можна голема миграција на руските спортисти во клубови од други држави, а не е исклучен и настап за други држави. Ова може да ја стави Русија во групата на држави во која спортот и спортистите ќе бидат заложници и најголеми губитници на геополитичките поместувања во светот.
Да резимираме, ОИ во Париз како да ја истрошија познатата и универзална мисла искажана од баронот Пјер де Кубертен, дека ВАЖНО Е ДА СЕ УЧЕСТВУВА, А НЕ ДА СЕ ПОБЕДУВА. Денес, основното мото на олимпизмот, изречено на крајот од XIX век, доби нови суштина и значење и можеме слободно да го преформулираме во „ВАЖНО Е ДА СЕ УЧЕСТВУВА, НО ВАЖНО Е И ДА СЕ ПОБЕДУВА“. Впрочем, ако за некои спортисти Е ВАЖНО ДА СЕ УЧЕСТВУВА, за други Е ВАЖНО ДА СЕ ПОБЕДУВА.
Во оваа смисла, секој спортист и нација може да се пронајде во една од двете искажани максими. Секој спортист слободно може да избере кое мото го прифаќа.
Напомена: податоците за бројот на освоени олимписки медали по години се добиени од официјалната веб-страница на Меѓународниот олимписки комитет (МОК). Текстот е пишуван на 10.8.2024, еден ден пред официјалното затворање на ЛОИ во Париз.
Пишува: Проф. д-р Андон Мајхошев