Ферус Мустафов кој низ целиот свет е попознат и како Кралот на ромската музика, а кој и во Англија гордо ја носи оваа титула токму таму каде што му се издадени голем број плочи кои се продадени во златни тиражи, многу е бесен овие денови.
– Како да не сум бесен, чашата е прелиена. Веќе четвртиот месец никаде не настапувам, а треба да функционирам, да се хранам, вода да пијам и од воздухот и спомените не можам да живеам .Ниту јас ниту моите дома. Каква е оваa ситуација? И ако вирусот е опасен ова е веќе неподносливо.Сите мерки се укинати, дури и аеродромите отворени,фудбалските натпревари се играат, нема веќе одење во карантин, само ние музичарите останавме како “слепо црево“.
Јас четири месеци ги почитувам мерките, седам дома, надвор носам маска, држам растојание на улица.
Впрочем и не излегувам од дома, одам само да пазарувам за јадење. Сега кога треба да им се помогне на музичарите, државата и понатаму не ни дава да настапуваме во ресторани, во кафеани, свадбите ги нема, а тоа се пари од кои ние живееме. Мене тие 14.500 денари не ми значат, но фала им и за тоа, не ги потценувам тие пари. Ќе ги дадам ако треба на некој сиромашен, јас сакам да работам како што работев, пристојно да заработувам, јас не можа да егзистирам само така што ќе јадам ајварче и лепче. Се ми е многу тажно, а крајот не го гледам.
Ферус и ако е постојано насмеан, сега нема причина за смеење. Вели дека не може да чека, се начекал 4 месеци, дека на некој начин го плаши новиот бран на коронавирусот. Тоа само му дава лош знак дека строгите мерки кои се однесуваат на музичарите, нема да попуштат.
-Нема ништо да се смени, дај Боже да грешам, ама не гледам како мислат да се прават свадби без весел распеан народ, без оро, без чочеци, без гушкање, без бакнување, без блиски честитања? Па тоа се тие наши свадби и обичаи македонски, ромски, српски, турски, бошњачки, бугарски бидејќи не сме на опера да седиме здрвени во столчињата и да им ракоплескаме на музичарите. Ако власта не ја смени одлуката и за нас, јас не знам како ние музичарите овде во Македонија ќе опстанеме. Жими Господ ми се живее, вака не ми се живурка!
Дуле Миќиќ /фото ФБ/