ЗОО парк, со триесетина животни, отворен во ветеринарното училиште „Браќа Миладиновци“

404

Ова училиште е единственото во државата кое има сопствена зоолошка градина која постои повеќе години, а во која живеат лами, носести мечиња, пони коњчиња, елени, срни, како и многу птици, а за нив се грижат учениците кои на овој начин изведуваат практична настава. Токму овој ЗОО парк е причината ова средно училиште да го освои првото место на натпреварот, организиран од ФИТР и УНИЦЕФ, во конкуренција од триесетина училишта во државава

Скопје доби мини Зоолошка градина лоцирана во средното земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ во Драчево. ЗОО паркот, во кој има триесетина животни и птици, од денеска е отворен за посетители кои ќе донираат симболична сума место влезница.

Ова училиште е единственото во државата кое има сопствена зоолошка градина која постои повеќе години, а во која живеат лами, носести мечиња, пони коњчиња, елени, срни, како и многу птици, а за нив се грижат учениците кои на овој начин изведуваат практична настава.

Токму овој ЗОО парк е причината ова средно училиште да го освои првото место на натпреварот организиран од ФИТР и УНИЦЕФ, во конкуренција од триесетина училишта во државава.

-Денешниот настан е и можност  да го промовираме училиштето, но и земјоделско-ветеринарната струка во него, и да придонесеме што поголем број ученици во иднина да се занимаваат со оваа благородна професија – изјави директорката на СЗВУ „Браќа Миладиновци“, Елизабета Ангелеска.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, потенцира дека во изминативе три ипол години сериозно е вложено во инфраструктурата на училиштата, особено во СЗВУ „Браќа Миладиновци“ каде што се реконструирани и опремени училниците и двете лаборатории со што е многу подобрен квалитетот на  инфраструктурата на училиштето.

– Ова е едно од училиштата во коешто и јас како градоначалник пред некаде околу три години ја препознав таа креативност и како што самите можете да видите денеска целосно се оправдани поддршката и вложувањата што ние ги дадовме.  „Браќа Миладиновци“ е едно од средните училишта во градот каде што се одвива дуална настава, со што се гарантира дека реално дефицитарниот кадар, како стручен кадар и во рамките на земјоделската струка и во рамките на ветеринарните техничари, што овде се профилираат, ќе им даде можност на децата кои овде се запишуваат по завршувањето на средното училиште да бидат конкурентни на пазарот на трудот и ќе можат веднаш да се вработат – рече Шилегов.

На настанот присуствуваше и министерката за образование, Мила Царовска, која истакна дека оваа учебна година беше предизвик што сите заедно успешно го надминавме. Таа на сите ученици им посака убав распуст полн со смеа и безгрижност. Освен тоа, таа нагласи дека средното земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ нуди квалитетно образование и честиташе за убаво осмислениот простор.

Од училиштето посочуваат дека секоја година се соочуваат со намален број ученици и информираат дека Владата, со цел да ги стимулира младите, од оваа година ќе доделува стипендии на средношколците од земјоделско-ветеринарната струка.

Во рамките на повикот за Млади истражувачи 2, училиштето доби финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој за проектот „Аквапоника – клуч за иднината“, при што изгради систем за аквапоника и почна со одгледување риби и растенија во симбиоза.

(А.П.) – Фото: Н. Батев