Премиерот Оливер Спасовски, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски ја посетија зоната каде во тек се градежните работи за изградба на канализациона мрежа. Во крајна фаза е и изградбата на водоводот и заклучно со овој месец комплетно треба да бидат завршени 7,3 километри водовод
Индустриската зона „Визбегово“ во општина Бутел функционира без комунална инфраструктура. За нејзин поголем развој, потребно е да се постави водоводна и канализациона мрежа. За таа цел вчера премиерот Оливер Спасовски, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски ја посетија зоната каде во тек се градежните работи за изградба на канализациона мрежа.
– Изградбата на водоводната и канализациската мрежа претставува основа и за натамошен развој на оваа индустриската зона – нагласи Спасовски и потсети дека се реализира и комуналната инфраструктура во Општина Арачиново.
Тој апелираше до градоначалниците и општините да подготват проекти за да може да се решаваат инфраструктурните проблеми на граѓаните.
Министерот Сугарески информира дека градежните активности се очекува да завршта во предвидениот рок од 14 месеци, а можеби и порано.
– Се работи за 5,2 километри канализација во два краци со вредност од околу 147 милиони денари. Во крајна фаза е изградбата на водоводот и заклучно со овој месец комплетно треба да бидат завршени 7,3 километри водовод – изјави Сугарески.
Градоначалникот Смилевски изјави дека со поддршка на Владата, индустриската зона „Визбегово“ добива водовод и канализација кои, како што рече, им се потребни на сите стопански објекти.
– Сметам дека со спроведувањето на овие два проекти во Општина Бутел во целост ќе бидат исполнети ветувањата кон компаниите и граѓаните во Визбегово. Сакам да потенцирам дека тука не запираме и наскоро во Општина Бутел ќе започне изградба на социјална зграда со 312 станови – информираше Сугарески.