Знаете ли како мириса вселената? Стигна и одговор!

137

Ако некогаш сте се запрашале како мириса универзумот, нов парфем може да ви го даде одговорот, пренесува СиЕнЕн.

Новиот парфем Eau de Space е лансиран за да го донесе мирисот на вселената на Земјата, вели неговиот креатор Стив Пирс.

Пирс е хемичар и основач на Omega Ingredients, компанија која е специјализирана за „создавање на највисок квалитет на природни вкусови за индустријата за храна и пијалоци“, се наведува на веб-страницата на компанијата, пренесува Хина.

Пирс беше ангажиран од НАСА во 2008 година за да создаде мирис на вселената и му беа потребни четири години за да успее.

Создаден е за да им помогне на астронаутите во обуката пред лансирање во орбитата и е дел од програмата на НАСА за елиминирање на можните изненадувања за астронаутите во вселената.

„Наликува малку како мирис од пушка, откако ќе испукате истрел“, рече астронаутот Пеги Витсон, која беше на Меѓународната вселенска станица ISS. „Мислам дека мирисот е речиси горчлив со додавање на мирис на изгорено и чад“, изјави Витсон еднаш за СиЕнЕн.

Компанијата наведува дека астронаутите го опишале мирисот како мешавина од барут, пржен бифтек, малини и рум.

Креаторите на мирисот на универзумот сега работат на лансирање на мирис на месечината.