Злоупотребата на аналгетици во САД доаѓа по наплата од фармацевтските компании

108

Н1
По пресудата против „Џонсон и Џонсон, која треба да плати 572 милиони американски долари како компензација за опијатски аналгетици во Оклахома, други фармацевтски групи би можеле да се согласат да платат значителни суми за да избегнат долги судења во една од најсериозните здравствени кризи во САД.

Групацијата „Пурдју Фарма”, производител на еден од најпознатите аналгетици наречен ОксиКонтин, наводно веќе понудила да плати помеѓу 10 и 12 милијарди американски долари за решавање на повеќе од 2.000 тужби, тврдат американските медиуми. Случајот треба да биде изведен пред федералниот судија во Охајо на 21 октомври.

Фармацевтската група во сопственост на семејството Саклер, која веќе прифати договор во Оклахома во март со уплата од 270 милиони американски долари на државата, не ги потврди овие суми.

Но, таа призна дека „активно” преговара за договорот, објаснувајќи дека „не сакала да помине повеќе години во залудни судски битки” и изрази желба да се најде „конструктивно решение” за кризата предизвикана од опијатски аналгетици, од кои само во 2017 година, поради предозирање, во САД починаа 47.000 луѓе.

Другите фармацевтски лаборатории и дистрибутери кои се мета во случајот од Охајо сега треба да почнат така да размислуваат, откако судијата во Оклахома во понеделникот оцени дека „Џонсон и Џонсон” имаат дел од одговорноста, бидејќи со маркетиншки измами промовираше опијати, рече Карл Тобијас, професор по право на Универзитетот Ричмонд од Вирџинија.

„Џонсон и Џонсон”, „Пурдју” и други фармацевтски лаборатории и дистрибутери се обвинети дека ги повикуваат лекарите да ги препишат овие лекови, првично резервирани за пациенти со напреден карцином, иако се знае дека предизвикуваат сериозни зависности.

Од 1999 година, многу корисници на овие лекови започнаа со земање поголеми дози поради зависност, со висок ризик од фатално предозирање.
Многу обвинети компании, особено во случајот од Охајо во кој меѓу обвинителите се вклучени многу локални заедници и држави, „сега треба да размислат двапати” пред да се решат да одат на суд, вели Тобијас.
Иако законот за „штетности за јавно здравје”, на кој се повика Обвинителството во Оклахома, е со поширок опфат отколку во другите држави, и иако „Џонсон и Џонсон” најавија дека ќе ја обжалат пресудата, судијата јасно стави до знаење дека фармацевтските компании „може да се сметаат за одговорни за кризата и нејзините последици”, посочува тој.

Национална цена

Судскиот процес од Оклахома, прв во таа криза што Владата на Трамп го прогласи за национален во октомври 2017 година, исто така откри „изненадувачка количина инкриминирачки елементи” што може да се искористат пред другите судови, рече Елизабет Бурч, професор по право на Универзитетот во Џорџија.

Друг фактор што може да ги забрза напорите за постигнување спогодба е фактот дека проценката на штетите предизвикани од кризата континуирано се зголемува. А, се смета дека и претставниците на американските граѓани, вклучително и градоначалници на метрополи како што е Њујорк или обвинители во многу држави, се повеќе се решени да ги принудат фармацевтските компании да платат за настанатите трошоци: од мобилизирање на безбедносните сили или службите за итни случаи во случаи на предозирање, до медицинска помош за болните, преку програми за превенција кои се повеќе се спроведуваат низ целата земја.

Така, само за Оклахома во идните 30 години е пресметан износ од повеќе од 17 милијарди долари.

Судијата наложи „Џонсон и Џонсон” да платат само 572 милиони американски долари, што одговара на очекуваните трошоци за цела година, бидејќи оцени дека презентираните докази кои би ги оправдале трошоците за следната година не се доволни.

Според Калеб Александар, специјалист на универзитетот „Џонс Хопкинс”, мерките што треба да се преземат на национално ниво за спречување на кризата може да достигнат 453 милијарди американски долари во текот на следните 10 години.
Со оглед на ваквите проценки, битките за фармацевтските компании да платат дел од отштетата може да се интензивираат, очекува Елизабет Бурч.

Во Оклахома, договорот со „Пурдју Фарма,” објавен во март, предвидуваше дека 270 милиони долари што лабораторијата се согласи да ги плати, ќе се искористат во најголем дел за финансирање центар за истражување зависности на локалниот универзитет.

Но, Парламентот донесе закон кој предвидува дека парите треба да се вратат во државната каса. Во меѓувреме и сојузната влада побара од Оклахома дел од исплатените пари.