„Златна рамка“ од 18 до 20 јуни во МКЦ: Проекција на македонски филмови реализирани изминатата година

44

Шестото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 18 до 20 јуни во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар.

Филмската ревија претставува можност за публиката бесплатно да ги погледне македонските филмски остварувања што биле реализирани во текот на изминатата година, а биле поддржани од Агенцијата за филм.

Филмската програма годинава содржи долгометражни, краткометражни и документарни остварувања.

„Преекспонирано“

Во рамките на долгометражната програма на 18 јуни, во 20:30 часот, ќе биде прикажан филмот „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, во продукција на „ДНФ Продукција“, на 20 јуни е проекцијата на „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски со „Лист Продукција“ како и филмот „Лена и Владимир“ на Игор Алексов со „Минд Продукција“.

Краткометражната програма содржи девет филмови, кои ќе бидат прикажани во терминот од 18 часот на 19 јуни. На програмата се остварувања на режисер(к)ите Александра Кардалевска, Ангела Димеска, Јован Саркањац, Јане Спасиќ, Ѓорче Ставрески, Сандра Георгиева, Сабедин Селмани, Берат Асани, Јане Алтипармаков и Бесар Илјази.

Документарната програма носи пет остварувања, а проекциите се распоредени во текот на трите денови на одржувањето на ревијата „Златна рамка“. На 18 јуни, во 18 часот, е проекцијата на филмот „Бисер“ на Драган Кумев, додека во 19 часот ќе биде прикажан документарецот „Последниот каубој на Балканот“ на Сабедин Али. На 19 јуни, во 12 часот, ќе бидат прикажани филмовите „Живот на крстосница“ (Недопирливи) на Зоран Димов и „Емигрант сум или…“ на Сенад Абдули. На 20 јуни, во 18 часот, ќе биде прикажан документарниот филм „Јанѕа“, работен според „Дневник по многу години“ од Блаже Конески во режија на Никола Т. Калајџиски во продукција на „Контраст филм“.

Социјалната програма „Фокус“, наменета за публиката која од најразлични социјални ограничувања не може да го посети киното „Фросина“, годинава ќе се одржи на 20 јуни во Домот за стари лица „Мајка Тереза“.

Покрај ревијата на македонски филмови, „Златна рамка“, предвидува да се одржи Свечено собрание на ДФРМ на 18 јуни. На 19 јуни пак, во 20 часот, ќе има презентација на филмската камера „Сони“.

На 20 јуни, во 12 часот, ќе се одржи трибина со наслов „Зачувување на аудиовизуелното наследство“ на која ќе учествуваат Владимир Ангелов, вон. проф. м-р Владимир Павловски, Игор Старделов и Роберт Јанкуловски.

Традиционално „Златна рамка“ ќе ги додели и почесните награди на ДФРМ за филмски актер, филмски автор и филмски работник.