Зи-Зу ја дозна цената на Азар

130

Зинедин Зидан веќе ја засили одбраната на Реал (М) откако за 50 мил. евра беа осигурани услугите на стандардниот првотимец во дресот на Порто, Едер Милитао. Францускиот стручњак сега е во потрага по напаѓачка ѕвезда која ќе има за задача да го прави истото кое во минатото го правеше португалскиот интернационалец, Кристијано Роналдо.

Шпанските медиуми се убедени дека таа ѕвезда ќе биде белгискиот интернационалец од редовите на лондонскиот премиерлигаш Челзи, Еден Азар, кој веќе има изјавено дека Зи-Зу е неговиот идол.

Главен проблем при реализацијата на овој трансфер е обесштетувањето за 28-годишниот играч за врска, кој има договор со “сините” до 2020 година. “Кралскиот клуб” испрати официјална понуда вредна 82 мил. евра, која експресно беше одбиена.

Азар е еден од најдобрите фудбалери во Премиер лигата и според челниците на Челзи вреди најмалку 115 мил. евра, сума која не би требало да биде некој посериозен проблем за првиот човек на Реал (М), Флорентино Перез.

Побараното обесштетување од 115 мил. евра ќе биде рекордно за актуелниот светски и европски клупски шампион, кој пред шест години одвои рекордни 101 мил. евра за обесштетувањето на велшкиот интернационалец од редовите на Тотенхем, Герет Бејл.

Репрезентативецот на Белгија е единствена достапна опција за шпанскиот гигант кој е сериозно заинтересиран и за услугите на Килиан Мбапе и Неимар.