Зибери од Куманово: Ветинг кај сите тие што во име на граѓаните вршат јавни професии

21

Првиот кандидат за премиер Албанец, Насер Зибери, вечерва од Куманово изјави дека се залага за суштински реформи од повеќе области, политички, економски, социјален аспект од кои бенефит ќе имаат сите граѓани во државата.

– Вистински реформи за да ги надминеме проблемите. Реформите нема да бидат само на хартија, туку ќе значат подобар живот за сите, рече Зибери во изјавата за медиумите по завршување на митингот на ДУИ на градскиот плоштад во Куманово.

Многу значајно, според Зибери е решавањето на проблемите околу владеење на правото и борба против корупцијата.

– Мора да ја вратиме довербата на граѓаните во однос на владеење на правото, дека законот еднакво важи за сите, а тоа ќе можеме со еден инструмент кој се применува и дава резултати. Ние нема да откриеме ништо ново, ветинг и  ветинг, во правосудните органи, ветинг за носителите на јавни функции, ветинг кај сите тие што во име на граѓаните вршат јавни професии, изјави кандидатот.

Тој најави дека клучно е и економското справување на последиците од пандемијата. Во првите 100 дена, најави  сет на мерки за надминување на последиците, со кои ќе се олесни животот на граѓаните и со кои ќе се поттикнат компаниите да го пребродат тешкиот период.

– Ќе понудам сет мерки и на социјален план. Длабоко сум убеден дека овие програми кои ги нудам се од интерес на сите граѓани зашто тие пред сè обезбедуваат безбедност, сигурност, економски развој, евроатлантска перспектива. Затоа, ја барам поддршката со сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска, политичка или која било друга припадност, потенцираше Зибери.

Носителот на листата од ИЕ 2, Арбер Адеми, рече дека ДУИ отсекогаш вложувала во кумановско липковскиот регион и ќе продолжи да вложува. Тој додаде дека е вложено исклучително многу во образовната инфраструктура, дека се изградени шест спортски сали и е вложено во многу основни и средни училишта.

– Приоритет ќе биде дислокација и нов училишен објект за гимназијата „Сами Фрашери“, изјави Адеми.

На митингот во Куманово се обрати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.