Земјоделските здруженија бараат да се забрани на нивите да се градат индустриски зони

Земјоделците не можат да се помират со фактот дека државата сака да го распродава земјоделското земјиште за бадијала. Тие сметаат дека новиот Закон за продажба на земјоделско земјиште, кој ќе донесе до трајно губење на овој природен ресурс е лоша политика на државата. Според нив, земјоделското земјиште треба да се користи пред сè за производство на храна, а не како градежно и за изградба на фабрики

214

Не престануваат реакциите од земјоделските здруженија и опозицијата за новиот Закон за продажба на земјоделско земјиште кој сè уште е на ЕНЕР. Земјоделците не можат да се помират со фактот дека државата сака да го распродава земјоделското земјиште за бадијала. Тие сметаат дека новиот Закон за продажба на земјоделско земјиште, кој ќе донесе до трајно губење на овој природен ресурс е лоша политика на државата. Според нив, земјоделското земјиште треба да се користи пред сè за производство на храна, а не како градежно и за изградба на фабрики. Во државна сопственост се повеќе од 40 проценти од вкупното обработливо земјиште и околу 80 посто од пасиштата.

Од Националната федерација на фармери велат дека на овој начин семејните земјоделски стопанства ќе се стават во подредена положба што на долг рок може да предизвика постепено напуштање на земјоделството и на руралните средини. НФФ смета дека државното земјиште треба да се дава само под концесија или закуп, а да не се продава.

Со цел да се поддржат семејните земјоделски стопанства, предност во купувањето треба да имаат тие што се со место на постојано живеење во таа катастарска општина. За овие стопанства треба да се предвиди јавно наддавање со физичко присуство, а износот може да го плати на рати во рок од десет години.

Претседателот на регионалниот Сојузот на земјоделци Ристо Велков за ВЕЧЕР вели дека распродажбата на земјоделското земјиште е лоша политика на државата, бидејќи доколку државата изгради земјоделско индустриски комбинати многу повеќе ќе заработи отколку да го продава на домашни или странски инвеститори.

-Државата за 10 години ќе продаде 50.000 хектари за кој ќе добие околу 60 милиони евра. Но, наместо да го продава ова земјиште на него може да изгради земјоделско индустриски комбинати и за тие десет години многу повеќе да заработи и да придонесе за зголемување на земјоделското производство и за бројот на вработени, вели Велков.

Тој додава дека кога се носи закон кој се однесува на земјоделското земјиште треба да се консултираат земјоделците. Има земјоделци кои имаат земјиште под закуп и кои немаат пари да го откупат, така што сега и на тие земјоделци ќе им се земе земјиштето и ќе се продаде на големи земјоделски стопанства.

-Ако сакаме да имаме успешен аграр мора да има комуникација меѓу земјоделците, научните институции и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Мора да се слушне гласот и на земјоделците, а не само на политичарите. Не смее земјоделското земјиште од прва категорија кое се наоѓа во рамнина после 10 години да се пренамени во градежно и на негово место да се изградат индустриски зони. Со Закон за продажба на земјоделско земјиште од 2013 година се направи ваква грешка и убавите земјоделски парцели општините од прва и втора категорија ги дадоа за изградба на индустриски зони, а ова земјоделско земјиште беше најпогодно за земјоделско производство, вели Велков.

Земјоделците се плашат дека може да дојде до злоупотреби преку препродажба на купеното државно земјоделско земјиште на атрактивни локации. Притоа, домашни физички и правни лица би купувале земјиште во име на други кои сега не ги исполнуваат условите и кои после десет години може да го преведат во нивна сопственост и истото да се користи за други намени. За да се надминат можностите за злоупотреби, земјоделските здруженија бараат да не може да се продава државно земјоделско земјиште кое се граничи со линијата на урбанистичките планови.

Од друга страна власта останува на ставот дека со продажба на земјоделското земјиште ќе има бенефит целата економија. Земјоделството не може да се развие дополнително без продажба на државните површини, изјави премиерот Зоран Заев.

-Земјиштето нема да го носи никој ниту во Австралија, ниту во Америка, ниту во Европа. Тоа е тука. Прашањето е дали ќе биде ресурс за развој или не. Нека има дебата, но дефинитивно имаме силни аргументи. Ако сакаме да растеме во бруто земјоделското производство неопходно е земјоделското земјиште да биде дадено во сопственост на инвеститорите, изјави Заев.

И покрај тоа што Законот сè уште е во фаза на дебата, опозицијата го блокира, а земјоделците не го прифаќаат останува да видиме дали власта ќе го донесе таков како што е или ќе претрпи одредени измени.

(А.С.)