Како што велат од туристичките агенции, македонските граѓани во последен момент одлучуваат каде ќе ја прослават најлудата ноќ, а најинтересни им се музичките забави што се организираат на плоштадите во Белград, Будва, Тиват, Загреб,  каде што настапуваат музички ѕвезди кои се актуелни и на нашите простори. На списокот се најдоа и градовите  Атина, Нови Сад со посета на салашите, Букурешт и Будимпешта, како и  Златибор, Банско, Боровец и Копаоник, како зимски центри што најмногу се посетени од љубителите на скијањето.

 

Во пресрет на новогодишните и божикните празници македонските туристички агенции во трка да ги продадат аранжманите кои се за сечиј џеб и се движат од 100  па дури до 1.700 евра. И годинава граѓаните се поделени, односно или бараат евтино да поминат или се заинтересирани за луксузните патувања. Така поевтините аранжмани се за престој во градовите на соседните земји: Белград, Софија, Солун,  Будва, Тиват, додека поскапите главно се однесуваат за патувања во далечните дестинации како: Сингапур, Тајланд, Дубаи, Бали, Мароко, Израел…

Туристичките работници што ги контактираше „Вечер“ велат дека годинава  први се продале авионските аранжмани за европските метрополи, додека оние што се во соседството обично се продаваат подоцна, средината на декември.

Како што велат од ТА „Савана”, македонските граѓани во последен момент одлучуваат каде ќе ја пречекаат Новата година, а за нив интересни  се музичките забави што се организираат на плоштадите во Белград, Будва, Тиват, Загреб  каде  што настапуваат музички ѕвезди што се актуелни и на нашите простори.

– Ако лани беше интересна Будва заради настапот на Жељко Јоксимовиќ, годинава таму гостите ќе ги забавуваат Здравко Чолиќ и Цеца. Интересот е голем, бидејќи  сместувањето е во убав хотел лоциран на самата плажа во Тиват и може да се комбинира со Будва, која е оддалечена само 20 километри – велат за весникот „Вечер“ од ТА “Савана”.

Во Тиват, пак, на плоштадот ќе настапуваат музичките ѕвезди: Марија Шерифовиќ и Саша Ковачевиќ, а во Херцег Нови ќе пее Харис Џиновиќ. За забавата во Котор задолжен е Бајага. Во Белград, пак, на плоштадот главна ѕвезда на новогодишната ноќ ќе биде Лепа Брена, а ќе пеат и „Пилоти“ и Маја Беровиќ.

Најчесто цените за едно лице за поблиските балкански метрополи се движат од 100 до 300 евра, бидејќи патувањето е со автобус или во сопствена режија. За подалечните  европски дестинации се патува со авион, па цената е повисока и достигнува околу 700 евра во зависност од тоа за која метропола станува збор, за колку дена се однесува патувањето и од која категорија е хотелот каде што е сместувањето.

Како што велат  од туристичките агенции дел од граѓаните  бараат празнувањето да биде  кобинација меѓу пречекот на Новата година и зимување, бидејќи во јануари е и зимскиот распуст и дел од семејствата претпочитаат подолго да останат во балканските зимски ски-центри.

Во пресрет на празниците на списокот на голем број на туристички агенции се најдоа традиционално и градовите  Атина, Нови Сад со посета на салашите, Букурешт и Будимпешта, како и  Златибор, Банско, Боровец и Копаоник, како зимски центри што најмногу се посетени од љубителите на скијањето. Дел од интересните понуди е Словенија со Блед и Бохињ, Северна Италија со Венеција, Верона и Фиренца, како и Варна на Црно Море.

Како што велат туристичките работници и годинава интересот остана за вечниот град Рим, Милано – градот на модата, Истанбул – распространет на два континента, како и Анталија и Аланија каде што ќе се почувствува мирисот и пријатниот воздух на Средоземното Море. Се трошат и последните аранжмани за патувањата во  Париз, Барселона, Краков и Прага, Виена,Москва, Египет, Азурниот брег…

(В.Ма.)