Фасадите на зградите на ЕВН и на Пелагонија во строгиот центар на Градот ќе добијат фасади какви што биле, односно тие ќе бидат автентични. Според скопскиот градоначалник Петре Шилегов, само овие две фасади се единствените,  што Градот успеал да ги спаси од барокот кој го применуваше претходната градска власт.

Ова го најави Шилегов на денешната седница на Советот на Град Скопје, на чиј дневен ред беа советнички прашања. Тој на прашањето на советникот Јован Лазаров од ВМРО ДПМНЕ, дали фасадите на дел од зградите на, како што го нарече, најатрактивниот булевар „Илинден“ ќе бидат обновени и поправени, Шилегов истакна дека Градот нема одговорност за тоа, туку може да разговара со Општина Центар дали има намера да субвенционира такво нешто, како што тоа го прават другите општини.

– Центарот на градот е со нарушен изглед 7 до 8 години. Успеавме да ги спасиме фасадите само на двата објекта што ги претходно ги споменав, на ЕВН и на Пелагонија. Се прави еминентна студија – идејно решение за преуредување на строгиот центар во пешачка зона, во која се предвидени и овие два згради, за што беше распишан меѓународен конкурс – изјави Шилегов.

Тој додаде дека еминентни светски архитекти заедно со Даница Павловска ќе го прават идејното решение за уредување на строгиот центар на градот. Тие, според Шилегов, ќе треба да го дадат основниот дизајн за центарот на градот.

Скопскиот градоначалникот Петре Шилегов на денешната седницата на Советот на Град Скопје одговарајќи на советнички прашања рече дека наскоро во јавноста ќе биде презентиран концептот за новиот изглед на центарот на Скопје.

– Еминентни светски архитекти и урбанисти ќе бидат задолжени за начинот на  уредување на просторот од Градска болница до плоштадот „Македонија“. Немам намера да го завршам мојот мандат без да го направам центарот онака како што треба – изјави Шилегов.

Тој истакна дека со проширувањето на улицата „Даме Груев“ во булевар ќе се исечат 13 дрвја, но додаде дека тоа зеленило ќе се надополни со садници и зеленило во новиот парк што ќе се направи кога ќе се урне зградата на поранешен „Макотекс“.

Градоначалникот Петре Шилегов најави дека од следната година на потегот од крстосницата кај Собранието до трговскиот центар „Палома бјанка“ нема да се движат автомобили, односно тој ќе стане пешачка зона. Во тој дел од градот единствено ќе се движат автобусите од јавниот превоз. Паралелно ќе се работи на проширување на улицата „Даме Груев“ во булевар. Се работи на решавање на проблемот со зградата на поранешен „Макотекс“ која се наоѓа на самата улица, односно Градот да ја откупи зградата и да ја урне.

(А.П.) Фото: (Ѕ.П.)