Зголемена парична помош за лица од семејства со висок социјален ризик

62

Со новиот ребаланс на буџетот на Општина центар за 110 проценти се зголемени средствата за лични асистенти на деца со потешкотии во развојот, со кратење од тековно-оперативните трошоци на Општината, зголемени се и средствата за доделување на стипендии на талентирани ученици од областа на спортот, науката и културата, а за еден милион денари е зголемена ставката за парична помош на лица од семејства со висок социјален ризик, односно наместо досегашните 2,5 милиони денари, сега изнесува 3.5 милиони- соопштија од Општина Центар.

На 36-тата седница на Советот на Општина Центар е усвоено и прифаќањето на донација од „Првиот скопски извиднички одред“ на 30 дрваја кои ќе бидат засадени на различни локации низ општината, а донесен е и Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт И 06 – Пролет.

Со новиот ДУП се предвидува изградба на детска градинка, предвидено е решавање на проблемот со паркингот кој жителите го имаат во овој дел од Центар и тројно е зголемена површината за зеленило, односно од 4.283 квадратни метри на 12.811 квадратни метри.

Од Општината наведоа дека  советниците ги усвоиле и измените и дополнувањата на програмите за работа на секторите и одделенијата во Општината.