Згасна ѕвездата од „Брилијантин“: Почина Оливија Њутн-Џон по долга битка со ракот

2135
Фото: Јутјуб принтскрин

Легендарната актерка и пејачка, Оливија Њутн-Џон, позната како Сенди во легендарниот „Брилијантин“, почина во 73 година од животот, објави денеска нејзиниот сопруг, Џон Истерлинг.

Њутн Џон цели триесет години се бореше со ракот на дојка и за жал ја изгуби битката со болеста.

Првпат ѝ бил дијагностициран рак на дојка во 1992 година, а болеста се вратила на двапати, во 2013 година, а потоа повторно во 2017 година. Оливија мина низ тешки моменти со крената глава, а својата борба ја сподели со јавноста и нагласи колку и помогнал медицинскиот канабис што го користела.

„Се држам. Секој ден станувам сѐ посилна и подобра. Позитивното размислување е многу важно“, рече таа во февруари оваа година. Нејзиниот сопруг Џон Истерлинг, кој одгледува медицински канабис на нивниот ранч во САД, и бил голема поддршка во борбата со тешката болест.

„Кога ќе ви дијагностицираат рак или кога ќе ви биде поставена лоша дијагноза, обично ви даваат одреден временски период, ви кажуваат колку ви останало. Ако некој ви каже дека имате уште шест месеци живот, ако поверувате во тоа, веројатно толку и ќе живеете. Не, сакам да ја знам статистиката, не сум дел од статистиката“, изјави еднаш Оливија за странските медиуми.