Звучни медитации – омаж на Владимир Георгиевски

216

Во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје, вечерва (17 јуни), во 20 часот, македонски реномиран пијанист, композитор и професор Дино Имери ќе одржи концерт по повод последниот ден на изложбата „Учителот и неговите ученици“.

На концертот ќе се изведува музика директно инспирирана од генијалните уметнички дела на Владимир Георгиевски и неговите ученици – дела кои се дел од изложбата “Учителот и неговите ученици”. Како специјален гостин ќе настапи македонскиот виолинист Бојан Илкоски.

Во рамките на програмата ќе се изведат: „Нозете на учителот“ – Владимир Георгиевски; „Деа“ – Марина Убавкова; „Сон со звездите“ – Ана Андроска, музика Дино Имери; „Павилјон бр.6“ – Владимир Георгиевски, музика: М. Равел – Соната за виолина и пијано бр.2 – Allegretto; „Отсечената глава на св. Јован Крстител“ – Наташа Божарова, „Реквием“ – Никола Пијанманов; „Портрет“ – Марија Панчевска Маринчиќ; „Поетика на просторот“ – Наташа Милованчев и „Автопортрет“ – Владимир Георгиевски, музика Дино Имери.

“Изложбата ‘Учителот и неговите ученици’ е обид да се истражи влијанието кое еден учител го втиснал во творештвото на неговите ученици, како и особеностите кои учениците ги развиле независно, во текот на нивниот творечки век. Инспирацијата која Георгиевски ја црпи од музиката е јасно видлива низ сите периоди на неговото творештво. Во своите предавања и разговорите со своите ученици, тој често пати прави компарации помеѓу цртежот, бојата и перспективата од една и музичката хармонија и тонот од друга страна. Помеѓу неговите многубројни Учители и Ученици отсекогаш имало композитори, аранжери, инструменталисти…“, стои во најавата за концетот чиј влез е слободен.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти и добитник на бројни меѓународни и домашни признанија, редовен гостин на престижни европски фестивали и оркестри, и во својата досегашна кариера остварил 5 изданија за домашни и меѓународни дискографски куќи, а бележи и бројни успеси како композитор на оригинална музика за повеќе домашни и меѓународни филмски остварувања.