Збориме за бодови, а кукавички беше нападнат играчот

21

Француската Лига 1 во последните неколку месеци е во центарот на фудбалското внимание поради пречестите хулигански испади и дивеењето на навивачите. Последниот поголем инцидент се случи за време на неделниот дерби натпревар помеѓу екипите на Олимпик од Лион и Олимпик од Марсеј. Дерби пресметката беше прекината во 2 минута откако еден хулиган кој навива за Лион, со шише го погоди капитенот на Марсеј, Димитри Паје, кој пак сакаше да го изведи корнер.

Гостинските фудбалери веднаш го напуштија зелениот терен и не сакаа да го доиграат натпреварот. Фудбалската федерација на Франција веднаш одлучи дека стадионот на Лион ќе биде затворен за еден првенствен натпревар се додека не биде дефинирана конечната казна која може да биде и драконска.

Таква казна побара и легендарниот репрезентативец на Франција, Тјери Анри.

  • Дали играме во некое преградие во Париз или ова е Лига 1? Ова што се случи е голем срам за францускиот фудбал. Останатите навивачи мора да покажат кој го има тоа направено. Во спротивно, вашиот клуб ќе биде казнет. Ова го направи еден поединец и мора да бидеме строги во санкцијата. Ваквите сцени се срам за нашиот фудбал. Не сакам Англичаните, Италијанците или Шпанците да гледаат вакви сцени. Некој вакво нешто да направеше во Англија ќе беше доживотно суспендиран. Не на шест месеци или на една година, доживотно, изјави Анри.

Поранешниот напаѓач на Монако, Јувентус, Арсенал и Барселона не застана тука со критиките за навивачот на Лион.

  • Ова беше кукавички напад, на некој кој се крие зад останатите навивачи на трибината. За жал, луѓето и понатаму ќе ги гледаат натпреварите кои се прекинати поради некои идиоти. Сакаме нашата лига да се мери со останатите најквалитетни лиги и тогаш ова се случува. И уште нешто, ние сега збориме за бодови, казни, а забораваме дека некој прво беше навредуван, а потоа физички нападнат. Луѓе, најважно од се е дека Димитри е добар, додаде Анри.