Oд 2017 до 2022 година се вложени 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта во нашата земја. Ова го потенцираше премиерот Димитар Ковачевски на автопатската делница Демир Капија – Неготино, каде што се обновува асфалтот во должина од 15 километри. Рехабилитацијата треба да заврши до април наредната 2024 година.
– Во последните три години – 2020, 2021 и 2022 година, во услови на здравствена, економска и енергетска криза вредноста на капиталните инвестиции изнесува 1,1 милијарда евра. Само минатата година, во услови на најголема криза имаме рекордна реализација на капитални инвестиции од 465 милиони евра, што е за 60 проценти повеќе од 2014 година, кога износот на капитални проекти беше 286 милиони евра, а парите на граѓаните одеа во непродуктивни трошења, за лични и партиски цели – нагласи Ковачевски.
Тој потсети дека за 6 години се изградени или рехабилитирани околу 1.400 километри патишта.
– Изградени се два нови експресни патишта, градиме уште два нови и бројни магистрални и регионални патишта. Градиме и рехабилитираме околу 450 километри локални патишта низ општините. Динамиката на изградбата на патот од Кичево до Охрид, во должина од 57 километри е забрзана, отстранети се наследените пречки што ја кочеа реализацијата и веќе 75 проценти од патот е завршен. Неодамна во употреба се пушти рехабилитираната патна делница Куманово – Страцин, процес кој за прв пат се спроведе после повеќе од 32 години, овој магистрален пат е дел од европскиот коридор 8 и е од витално значење како за тој регион, така и за целата држава – додаде премиерот.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски посочи дека ЈП ДП со 9 милиони евра средства од сопствениот буџет ја започна рехабилитација на оваа најоштетена делница која беше неопходна пред се од сообраќаен и безбедносен аспект. – Силниот инвестицики циклус од близу 2 милијарди евра во модернизирање на целокупната патна инфраструктура во државата несомнено дава силен сигнал за домашните и странски инвеститори, додаде Бочварски.
Тој информираше и дека на овој коридор се рехабилитира и оштетениот дел од Катланово до Петровец, а веќе започнати се подготовките и за проширување на граничниот премин Табановце. Во следна фаза овој јужен дел од автопатот ќе се издигне на повисоко модерно ниво, за што веќе следниот месец ќе се распише повик за инсталација на интелегентен транспортен систем, преку кој систем ќе има предвидливи ситуации на самиот коловоз, со што ќе се подигне безбедноста на уште поголемо ниво.
Директорот на ЈП ДП, Ејуп Рустеми, очекува догодина туристичката сезона да ја дочекаме со рехабилитиран и побезбеден автопат бидејќи токму за овој дел од делницата имаше и реакции од граѓаните. Тој најави ваква активност и на автопатската делница Скопје-Тетово бидејќи и таму има големи оштетувања на коловозот.
Рустеми рече дека е сигурен оти за 4 години ќе се изградат 110 километри автопатишта на коридорите 8 и 10д со новиот концепт и за проектирање и градба предвиден во Договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“. Сите проекти, посочи Рустеми, што се сега во тек траат осум, десет, па и повеќе години. Затоа како ЈПДП заедно со Министерството за транспорт и врски одлучивме да го менуваме концептот за изградба на патиштата.
– Тоа е новиот концепт што го склучивме со „Бехтел и Енка и е модифициран црвен ФИДИК за брзо градење. Во овој договор и со овој модел како нов концепт за изградба на патиштата паралелно се одвиваат повеќе активности. Веќе почнавме со геомеханичките испитувања, се одвива и подготовка на елаборати за експропријација, се мобилизираме и веќе почнуваме со проектирање и со мобилизирање на целокупната механизација за градба – рече Рустеми.
И премиерот Ковачевски потенцираше дека на двата коридора веќе се вршат неопходните подготвителни активности за градежни работи, геомеханички истражувања, а паралелно, како што рече, течат и процесите на проектирање, израбитка на елаборати за експропријација и мобилизација на фирми што ќе бидат вклучени во изградбата на овие автопатишта.
– Ова е најголемиот инфраструктурен стратешки проект досега со кој ја поврзуваме земјата со регионот, со Европа и по европски и светски стандарди на изградба на патна инфраструктура. Покрај со Солунското пристаниште се поврзуваме со уште две пристаништа, со Бургас во Бугарија и со Драч во Албанија. Со одлуката на ЕУ за поставување на Коридорот 8 на мапата на главните коридори во регионите на ЕУ нашата држава се позиционира како крстосница на регионот на двата главни европски коридори – Коридорот 10 и Коридорот 8 – рече Ковачевски.
Транспаренси Интернешнл го оцени Договорот со „Бехтел и Енка“ како „матен“ случај
Договорот со „Бехтел и Енка“ што во целост не го добиле во Антикорупција е оценет како матен случај за мај, објавени од Транспаренси Интернешнл-Македонија во рамки на спроведувањето на редовната месечна и годишните анкети за корупција во рамки на проектот „Бистро-Матно“.
– Антикорупционерите не го добиле целосниот договор со „Бехтел и Енка“ од Владата и во доставената документација недостасуваат прилози кон договорот. Од Антикорупциската комисија се обратиле до Владата од каде биле информирани дека е истата документација која била испратена до Собранието. Што точно има во деловите кои недостасуваат не може да проценат и не ја искучуваат можноста да испратат допис до премиерот и генералниот секретар на Владата. Антикорупционерите поседуваат безбедносни сертификати со кои им е овозможено да го добијат целосниот договор и покрај клаузулата за доверливост – се наведува во соопштението од Транспаренси Интернешнл-Македонија.
(С.Бл.)