За 10.000 семејства во Тетово, Битола, Кичево и Скопје по 1.000 евра за купување инвертор

48

Десет илјади семејства во Тетово, Битола, Кичево и Скопје ќе добијат по 1.000 евра за набавка на клима инвертери.

Вака одлучи Владата на последната седница при што ја задолжи компанијата АД ЕСМ да им додели по 1.000 евра на секое домаќинство кое ќе се одлучи да ја замени печката на дрва со нов клима уред – инвертор. Субвенцијата за купување на интертор е до 60.000 денари.

Премиерот Зоран Заев денеска објави дека со оваа мерка ќе почне да се спроведува првата фаза од Планот за чист воздух и еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни уреди.

– Досегашните анализи покажуваат дека најголеми концентрации на штетни супстанци во воздухот се случуваат во зимскиот период кога е грејната сезона. Поради тоа, Владата ја донесе оваа еколошка мерка за субвенционирање на 10 илјади семејства во прво време во четири градови во земјава – потенцира Заев.

Греењето со инвертер клима уреди е најеколошки начин на греење и со сегашните цени е далеку најевтино. Премиерот Заев направи споредба и стакна дека за 60 метри квадратни загревањето ќе чини 11.735 денари.

-Овие градови како најпогодени од загадувањето се прва фаза, а понатаму ќе следуваат и други градови со висока емисија на ПМ10 и ПМ2,5 и јаглерод диоксид. АД ЕСМ покажа високо чувство на општествена одговорност. Секое домаќинство ќе има 1.000 евра што е сосема доволно за оваа мерка. Понатаму ќе тежнееме да биде целосно елиминирано користењето на печки на фосилни, односно тврди горива, а во следните години да ги тргнеме тегобите во градите од загадениот воздух – рече Заев.

За да се оствари оваа мерка Владата му препорачала на Управниот одбор на АД Електрани (ЕСМ), во рамките на акумулираната добивка, да донесе одлука за обезбедување средства во висина од 618.000.000 денари за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди.

Истото акционерско друштво ќе треба да обезбеди пари и за јавна едукативна кампања за имплементацијата на мерката и за начинот на кој таа ќе биде спроведена.

За да се обезбеди транспарентност и инклузивност во реализацијата на мерката, Владата ќе го покани Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, да номинира две граѓански еколошки организации да бидат вклучени во имплементација на оваа мерка.                            (С.Бл.)