За 1.000 денари автобусите на ЈСП претворени во подвижни билборди

251

Граѓаните се жалат дека со покриените прозорци со рекламни фолии се чувствуваат како да се возат во тунел и не знаат на која постојка да се симнат. Градоначалникот Шилегов вели дека договорот со фирмата “Маратон” кој го склучиле од претходната градска администрација е штетен за ЈСП бидејќи по одбивање на трошоците од сумата која ја добиваат месечно, им остануваат само по 1.000 денари по автобус. Од Град Скопје потврдија дека договорот е сè уште на сила

Подвижното рекламирање стана тренд за огласувачите. Речиси во секој јавен превоз низ европските и светските метрополи ќе забележите рекламни пораки и билборди. И Скопје истото го прави со години.

Може да се видат реклами од надворешните страни на автобусите, особено атрактивни се оние на двокатните и во разни бои, од речиси секоја поголема фирма и компанија. Според огласувачите, автобусите се подвижна реклама која е видлива и од поголема далечина, го привлекуваат погледот на минувачите и стигнува до големи специфични целни групи.

Во намерата да се искористи секој сантиметар за реклама, низ градот можат да се видат брендирани автобуси, со покриени прозорци со рекламни фолии. Патниците чувствуваат како да се возат во тунел, се жалат дека не можат да видат до каде им е патувањето за да се симнат на потребната автобуска станица.

Фирмата која некои од автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие ги претворила во подвижни билборди е „Маратон“ која со ЈСП во 2017 година има склучено 10-годишен договор. Согласно договорот, ЈСП е должно во секое време на фирмата „Маратон“ да ѝ обезбеди одреден број на автобуси на кои ќе бидат облепени реклами од надворешната страна, но и внатре да одат реклами на дисплеите, за што добива надоместок од околу 7.000 денари.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, овој договор уште пред една година го оцени како штетен и најави дека Градот Скопје ќе се обиде да го раскине.

– Се сложувам дека изгледа невкусно и не се гледа, но ние не сме виновни за тоа. Не може ова градско раководство да сноси одговорност за овој штетен договор со фирмата “Маратон” бидејќи истиот е склучен во септември 2017 година, само еден месец пред заминувањето на претходното раководство. Апсурдно е администрацијата во заминување да склучи 10-годишен договор кој му прави штета на ЈСП кое на “Маратон” му го дала внатрешниот и надворешниот простор на автобусите, а тие направиле ‘ршум во рекламирањето. Ова е неекономска цифра бидејќи кога од оваа сума ќе се одбијат трошоците, на ЈСП му остануваат чисти само 1.000 денари месечно. Да не беше овој штетен договор, потешкотиите во работењето на ЈСП ќе беа помали, затоа правиме напори да го раскинеме – изјави Шилегов пред една година.

Од Службата за односи со јавност на Град Скопје, побаравме одговор дали договорот е сè уште на сила.

– Град Скопје се залага за разумно и одговорно рекламирање, кое е од бенефит за претпријатието, а од друга страна не го попречува или отежнува патувањето на патниците на ЈСП. Станува збор за договор кој е потпишан од страна на претходното раководство во 2017 година, со траење од 10 години. Овој договор е сè уште во сила и истиот не е раскинат – кусо ни одговорија од ПР службата на Шилегов.

(С.Бл.)