За угостителите и музичарите нелогично е да има концерти, а да нема живи свирки

За угостителите и музичарите нелогично е да се дозволи организирање на концерти каде што има повеќе луѓе, а да не се дозволат живи свирки во кафеаните и кафулињата. Инаку, угостителските објекти уште чекаат одговор на нивните барања за промена на протоколот со кој не се дозволува на иста маса да седат по четворица гости доколку тие не се од исто семејство, организирање на музички настани и носење на протокол за свадби и други прослави 

157

За угостителите сè уште важи правилото на една маса да седат само членови на  едно семејство и забраната за организирање на музички настани. И покрај тоа што се очекуваше неделава Комисијата за заразни болести да донесе одлука за овие барања на угостителите, сепак тоа не се случи туку беше донесен само протоколот за одржување на концерти. Со овој протокол се дозволи организирање јавни настани со тоа што местото треба да биде пополнето не повеќе од 50 проценти од капацитетот каде што ќе се организира настанот. За угостителите и музичарите нелогично е да се дозволи организирање на концерти, а да не се дозволат живи свирки во кафеаните и кафулињата

Угостителите исто така во повеќе наврати реагираа и бараа промена на протоколот со кој не се дозволува на иста маса да седат по четворица гости доколку тие не се од исто семејство. Оваа барање, како што изјави Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора при ССК е неспроведливо на терен.

– Решавањето на ова барање е примарно, бидејќи е неспоредливо на терен од причина што ние не можеме да ги легитимираме гостите. Дека оваа мерка не функционира тоа на сите ни е јасно и затоа повеќе пати баравме промена на тој дел од протоколот. Ние испративме и официјален допис до Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат да побараат од Комисијата за заразни болести да се изедначат протоколите и ние да можеме да ги спроведуваме, а оние да можат правилно да ги контролираат, вели Ангеловски.

Исто така останува барањето за побрзо донесување на протокол за организирање свадби и други прослави затоа што токму поради тоа многу објекти сè уште се затворени. Угостителите сметаат дека одржувањето на свадби и други прослави е многу побезбедно кај нив, отколку тоа да се прави во приватни дворови или станови каде што не се почитуваат безбедносните протоколи.

Инаку Комисијата за заразни болести досега даде зелено светло за барањата на угостителите кој се однесуваа на работа на угостителските објекти по 22 часот и работа на внатрешниот дел од локалите.

Меѓутоа и покрај тоа што голем дел од угостителските објекти се придржуваат на овие правила има и такви кој не ги почитуваат. Одредени локали, од кој најголем дел во приградските населби сепак дозволуваат на иста маса да седнат и по тројца или четворица, без да се провери дали тие се или не се од исто семејство. Од Туристичко-угостителската комора велат дека во овој случај ризикот е голем и за сопствениците и за гостите бидејќи за гостите ова е прекршочна казна, а за угостителите е кривично дело.

Пазарните инспектори заедно со припадници и на финансиската полиција постојано се на терен и проверуваат дали се почитуваат правилата.

Како што неодамна изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, досега не е казнет ниту еден угостител кој дозволил четворица гости да седат на иста маса, а најголемиот број од казните за угостителските објекти досега се однесуваат на недоволно обезбедени дезинфекциски средства и прекувремено работно време.

За разлика од угостителските објекти во рестораните, односно во објектите каде што се служи храна дозволен е максимален број од 12 лица на споени маси со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1,5 метри.

(А.С.)