Жестоката предизборна реторика во Бугарија, во однос на Македонија, покажува дека нема да има позитивни промени во односот на официјална Софија, ниту по парламентарните избори кои се одржуваат во недела. Дипломатот Ристо Никовски причината ја гледа во тоа што сите главни политички сили имаат крајно негативен и национал-шовинистички пристап кон Македонија. Според проф. Стојко Стојков македонското прашање беше меѓу важните фактори од кои зависеше рејтингот на бугарските партии, но не и главниот чинител за нивната популарност. Македонското прашање, според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, многу помалку се користеше во оваа кампања, бидејќи веќе се смета за ад акта, а меѓусебните релации сега одат преку Брисел.
Не треба да има никакви очекувања во однос на изборите во Бугарија, бидејќи е сосема јасно дека сите главни политички сили, а за жал, и народот масовно имаат еднаков пристап кон Македонија, кој е крајно негативен и национал-шовинистички, смета Никовски.
-Мислам дека и овие избори нема да донесат никакви промени и во смисла на владеењето, бидејќи повторно ќе биде резултатот таков што нема да има сила што ќе може да формира влада и ќе биде една широка коалиција, која чинам нема повторно долго да трае. Македонија мора да се посвети самата на проблемот, да бара трајни решенија, бидејќи ако се продолжи со оваа капитулантска политика и прифаќање на сè што од нас бара Бугарија само ќе продолжиме во правец на еден длабок амбис кој ќе води и кон уништување на нашиот народ, а особено на нашите амбиции за членство во ЕУ. Сè додека не го откажеме договорот за (не)пријателство со Бугарија, Македонија нема никакви шанси на достоинствен начин да се приклучи на Унијата во Брисел. Да не заборавиме дека на крајот на тој процес, кога и да започне, ќе одлучува бугарското Собрание дали Македонија може да стане членка на ЕУ или не. А може да бидеме апсолутно сигурни дека таа одлука на Софија нема да биде во наш интерес. Исто така мора да знаеме дека според т.н. француски предлог, а тоа е договор меѓу Ковачевски и Петков, Македонија нема да преговара за членство со Брисел туку со Софија. Главна тема ќе биде историјата и додека не прифатиме дека историјата ни е „заедничка“, а тоа е направено веќе со двата протоколи кои се катастрофални, Македонија се бугаризира и тоа е трајната политика која Софија многу успешно ја реализира, изјави за весникот ВЕЧЕР, дипломатот Никовски.
И проф. Стојко Стојков смета дека нема да има промени во меѓусебните односи по изборите во Бугарија и дека Македонија не била главната тема.
– Односот кон македонското прашање е меѓу важните фактори за рејтингот на бугарските партии, но не беше главниот на овие избори. Дел од партиите, како ДПС, ДА Бугарија и донекаде Продолжуваме со промената ја одбегнуваа жестоката реторика кон Македонија, посочи за весникот ВЕЧЕР, проф. Стојков.
И политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека употребата на македонското прашање во предизборната кампања овој пат била помала.
– Македонското прашање цело време се користи од бугарските партии за повисок рејтинг, но во оваа кампања мислам дека многу помалку отколку во претходната, бидејќи веќе се смета за ад акта. Не верувам дека ќе има промени во бугарскиот однос кон Македонија по изборите, мислам дека релациите се пренесени на ниво на Брисел, изјави за весникот ВЕЧЕР, аналитичарот Арсовски, додавајќи дека можно е по изборите да не може да се состави нова влада или да дојде до чудни коалиции бидејќи „оние кои премногу калкулираат, како на пример: Слави Трифунов и Има таков народ, електоратот на следните избори ги казни“.
Но, дел од бугарските политичари и овојпат се обидоа преку македонското прашање да ги освојат симпатиите на гласачите.
Политичарите во Скопје наместо да одат по патот на доброседството, „сè уште се жртви на комунистичката југословенска пропаганда на омраза кон Бугарија, изјави поранешната вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева во интервју за БГНЕС. Нејзината изјава беше во пресрет на парламентарните избори каде таа е еден од носителите на листа на ГЕРБ.
-Едно мора да им биде јасно на политичарите во Скопје, Европската Унија гарантира подобар живот за нивните граѓани и тие го сакаат токму тоа, но наместо да одат по патот на добрососедството, тие сè уште се жртви на комунистичката југословенска пропаганда на омраза кон Бугарија. Затоа сакаме оваа земја да ги отвори своите архиви на тајните служби, да се исчисти од поранешните комунистички полициски агенти во нејзините редови, да го отстрани јазикот на омраза од учебниците и медиумите, вели Захариева во интервјуто.
Таа тврди дека во Брисел разбираат дека „македонизмот е неспоив со европските вредности и дека не му е местото во ЕУ“.
-Треба да бидеме наивни за да речеме дека Брисел не ја разбира нашата загриженост. Урсула фон дер Лајен тешко дека ќе заборави како ја пречекаа во парламентот на Северна Македонија – со плакати „Предавници на народот“, „Народот рече НЕ, свестете се“, „Јазикот е идентитет“, „Деца на заевизмот, вие го враќате фашизмот“. Одамна антибугарскиот бран стана антиевропски. Сите знаеме кој има интерес од ова, кој не сака Северна Македонија да влезе во Европската Унија и кој сака Балканот да остане нестабилен – вели Захариева.
Македонија беше искористена во предизборната кампања и на третата најпопуларна бугарска партија, според анкетите, „Преродба“ („Възраждане“), која во својата програма се залага за „обединување на двете бугарски државни формации во една заедничка“.
Денеска Бугарската Централна изборна комисија ги објави со име и презиме граѓаните од Македонија кои се пријавиле да гласаат онлајн на бугарските парламентарни избори. Според податоци објавени на страницата на cik.bg, вкупно 181 граѓанин од Македонија се пријавиле за гласање.
(И.С.)