За прв пат во Македонија, прирачник за правата на старите лица: Да го направиме поубав животот на луѓето во третата доба!

За подобрување на положбата на старите лица и за зголемување на квалитетот на нивното живеење, неопходно е да се создаде цврста основа за воведување и за етаблирање нови форми на социјална и на здравствена заштита, кои понатаму би биле долгорочно одржливи. Анкетираните пензионери со најниски пензии како сериозен проблем ги истакнаа: ниските пензии; немањето дом за стари лица во државна сопственост, во поширокиот регион, каде што би биле поприфатливи цените за престој; несоодветниот простор за дневно собирање на старите лица и малиот број содржини за пополнување на слободното време. Беше потенцирана сложената административна процедура за добивање и за продолжување на правата од социјалната заштита, особено правото на попреченост, предолгото чекање термини за комисија...

186
Фото: pexels.com

Во Гевгелија, за прв пат во нашата држава беше промовиран „Прирачник за правата на старите лица од областа на социјалната и здравствената заштита“ на авторот Лазо Трајков, експерт за социјални работи. Овој Прирачник е изработен како дел од проектот „Доживување на втора младост во трето доба“ на Фондацијата „Аполонија“ од Гевгелија, чиј претседател е Аце Ристовски, кој се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 2 – „Reload 2“, која, пак, е финансирана од Европската Унија, а имплементирана од УНДП.

За целите на овој проект и за очекуваните резултати разговаравме со авторот, Лазо Трајков.

Која беше првичната замисла да се издаде ваков еден прирачник?

– Современиот начин на живот, детерминиран од општествено-економските, социјалните и од другите промени, се одрази врз севкупното живеење на старото население. Имено, индустријализацијата и урбанизацијата доведоа до сѐ поголемо искоренување на традицијата на заедничко живеење на две генерации (родители – деца), поради изразената просторна и социјална мобилност на делови од младото население, особено на релација село – град.

Наместо поранешното постоење глава на семејството, се појави нов вид домаќинство во кое избор и одлучување во сите сфери на неговото функционирање имаат сите членови. Континуираното подобрување на условите за живот, како и зголемувањето на животниот стандард, можноста за здравствена заштита и слично, придонесоа постојано да се продолжува просечното траење на животот и со тоа да расте бројот на стари лица во вкупната популација, како на глобално така и на локално ниво. Но, исто така, се зголеми и бројот на стари лица во положба од социјална и од здравствена потреба, како и потребата за општествена интервенција со примена на разновидни облици и мерки на вонинституционална и на институционална заштита.

Но, незавидната економска ситуација во државата, недостигот од работни места за младата популација, иселувањето на младите, намалените семејни приходи во комбинација со движењето кон подинамичниот стил на живеење, придонесуваат за слабеење на некои мрежи на социјална и на здравствена поддршка.

Во рамки на проектот, беше спроведена анкета на репрезентативен примерок од 132 испитаници на возраст од 62 до 96 години, при што дојдовме до сознание дека мал број од старите лица имаат сознание за тоа какви права им следуваат од социјалната и од здравствената заштита. Така, само 12% од нив користат одредено право од социјалната заштита, а, од друга страна, на прашањето: каква е, генерално, вашата здравствена состојба?, 48 % одговориле „просечна”, 10 % дека е лоша и 3 % „многу лоша”, што само по себе покажува каков е квалитетот на животот на лицата во третата доба.

Сето ова беше предизвик, на едно место, во овој Прирачник во центарот на вниманието да ги ставиме старите лица, со цел нивна социјална интеграција и зголемување на свеста за нивните потреби, односно тие да останат активен и составен дел на општеството, во согласност со нивните интереси и способности. Секако, за подобрување на положбата на старите лица и за зголемување на квалитетот на нивното живеење, неопходно е да се создаде цврста основа за воведување и за етаблирање нови форми на социјална и на здравствена заштита, кои понатаму би биле долгорочно одржливи.

Кои се целите што се сака да се постигнат со овој Прирачник?

– Главна цел ни беше да ги подигнеме свеста и знаењата за правата и за потребите на старите лица од областа на социјалната и на здравствената заштита и нивното поблиско опкружување. Исто така, и да ги промовираме  активното стареење и меѓугенерациската солидарност преку зајакнување на улогата и на интеграцијата на постарите во локалната заедница како активни граѓани.

Прирачникот се состои од четири дела, од кои во првиот дел се дадени информации за проектот, целите и за активностите; вториот дел се однесува на информациите неопходни за остварување на правата од социјалната заштита; третиот дел се однесува на остварувањето на правата од здравствената заштита и на крајот, во четвртиот дел, се дадени заклучоци и препораки за подобрување на животот на старите лица.

Со кои активности ќе ги доближите ваквите поставени цели до старите лица?

– Активностите се поврзани со повеќето од важните теми што влијаат на социјалната инклузија на старите лица. За таа цел, подготвивме анкетен прашалник. На крајот од прашалникот, беше оставена можност испитаните стари лица слободно да дадат свои забелешки, да ги наведат проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот.

Анкетираните пензионери со најниски пензии како сериозен проблем ги истакнаа: ниските пензии; немањето дом за стари лица во државна сопственост, во поширокиот регион, каде што би биле поприфатливи цените за престој; несоодветниот простор за дневно собирање на старите лица и малиот број содржини за пополнување на слободното време во Клубот на пензионерите. Беше потенцирана сложената административна процедура за добивање и за продолжување на правата од социјалната заштита, особено правото на попреченост, предолгото чекање термин за комисија…

Исто така, беа споменати и: нискиот степен на медицинска нега и грижа од државата и од општината за старите лица што се во лоша здравствена состојба; немањето можност за користење дневен престој за старите лица; високата партиципација за користење здравствени услуги; скапите лекови.

За да го доближиме „Прирачникот за правата од социјална и здравствена заштита на стари лица“ до нашите постари сограѓани, во наредниот период ќе организираме отворен ден за информирање и дебатирање за правата од социјалната и од здравствената заштита на старите лица. Исто така, ќе следуваат и две работилници за подготовка за животот во пензија на идните пензионери, организирање обука за дигитална инклузија и писменост на старите лица, организирање дводневен настан, панел-дискусија „Совети од стари за млади”,  одржување четири креативни работилници и професионална едукација за разни вештини, со поддршка од млади волонтери.

Kакви повратни препораки добивате од анкетираните стари лица?

– Предвидено е проектот да трае 12 месеци. Што се однесува до препораките од пензионерите, оние што го посочија проблемот со ниските пензии побараа зголемување на пензиите, како и на износот на социјалната пензија, државата да продуцира сет мерки за ублажување на незавидната економска состојба. Отворање државен дом за стари лица во нашиот крај е препорака што беше посочена од повеќе стари лица, бидејќи сместувањето во приватните домови станува луксуз. Потребата од обезбедување поголем и посоодветен простор за дневно собирање на старите лица со зголемени и побогати содржини за пополнување на слободното време е следната препорака.

Во овој контекст е и препораката за поголема активност од Здружението на пензионерите и за поголема информираност на старите лица за нивните права. Тоа би можело да се постигне преку социјалните мрежи, медиумите, организирањето трибини на различни теми, преку почесто дружење, навремено информирање за сите активности.

Беше препорачано да се обрне особено внимание на изнемоштените лица и на старите лица во лоша здравствена состојба преку почести посети од лекар и медицинска екипа во домот, како и од волонтери од хуманитарни организации. Во овој контекст се и препораките од старите лица, особено на оние со ниски пензии, целосно да се укине партиципацијата во здравството, да имаат приоритет во јавното здравство преку „Мој термин”, бидејќи не се во можност да користат медицински услуги во приватното здравство, бесплатни лекови и болнички интервенции. Анкетата покажа дека 37 % од испитаните лица би ја користеле услугата дневен престој за стари лица доколку постои во Општина Гевгелија.

Љупчо АЛЕКСОВСКИ