За празните џебови на работниците газдите не ги боли глава, плаќаат мали казни 

Не знам дали ова сега се случува поради нивниот систем на субвенционирање, но не е првпат. Не ми е јасно како може УЈП да толерира исплата на плата од 57 денари, а и тоа го има. Ако рокот за исплата на платите е 15-ти во месецот, тоа треба да се почитува. Ако не им чини системот, треба да си го сменат. На тоа сме укажале многу пати. За доцнење со плата треба да има сериозни санкции, а не на фирмите да им се наплатува некоја минимална сума и со тоа да се заврши работата, вели за весникот ВЕЧЕР Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“.

1720

По истекот на рокот за исплата, речиси 90.000 вработени сè уште ја чекаат априлската плата. Дел од нив се на минималец, кој од март изнесува 18.000 денари. Има и околу 7.000 работници кои не ја добиле ни мартовската плата.

Од Управата за јавни приходи велат дека работодавците кои ги испуштиле роковите за исплата на работниците добиле опомени, а на дел им се блокирани сметките откако опомените не дале резултат. Казни сè уште нема зашто процедурите биле во тек. Дел од работодавците доцнат со платите затоа што сè уште ја чекаат државната помош.

Организациите кои ги штитат правата на работниците се гневни за оваа ситуација која не е исклучок, туку се повторува секој месец. Кристина Ампева, претседател на невладината организација „Гласен текстилец“, која прераснува во синдикат, прашува до кога државата и УЈП ќе толерираат фирми кои не исплатуваат плати или исплатуваат под законски загарантираниот минимум.

-Не знам дали ова сега се случува поради нивниот систем на субвенционирање, но не е првпат. Не ми е јасно како може УЈП да толерира исплата на плата од 57 денари, а и тоа го има. Ако рокот за исплата на платите е 15-ти во месецот, тоа треба да се почитува. Ако не им чини системот, треба да си го сменат. На тоа сме укажале многу пати. За доцнење со плата треба да има сериозни санкции, а не на фирмите да им се наплатува некоја минимална сума и со тоа да се заврши работата, вели таа за весникот ВЕЧЕР.

Ампева дава пример на фирма од Крива Паланка која ја исплатила јануарската плата и ништо потоа. УЈП ѝ ја блокирала сметката и се завршило на тоа.

-И за јавниот сектор не ми е јасно како може да се дава плата под минималната. Ако државата не ги почитува своите вработени и законите што самата ги носи, што останува за приватниот сектор. Зошто треба да чекаме плата? Па нас не нè чекаат ни банките, ни ЕВН ни другите. Ова е навистина голем проблем, посочува Ампева и додава дека можеби е подобро да се затвори фирмата што не може да даде плата, отколку вработените да се држат во неизвесност.

Ангел Димитров, претседател на Советот на Организацијата на работодавачи, вели дека доцнењето на платите е резултат на лошата финансиска состојба во која се фирмите поради кризата, на која се надоврзува големото зголемување на минималната плата во последните два наврата.

-Поскапена е струјата, укинати се субвенциите за маслото за греење, тука е и кинењето на синџирите на снабдување. Исто така, Владата веќе нема големи можности за поддршка на бизнисот. Треба да бидеме свесни за сево ова. Што кажува податокот дека во првите три месеци од годинава се затворени 400 фирми, а во целата мината година биле затворени вкупно 600, изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Според него, ако компанија дојде во ситуација да не може да исплати плата, веќе не може да се очекува да ја исплаќа.

И додека ги занемаруваат своите вработените и не им даваат плата, компаниите се дисциплинирани кон државата. Кризата и тешкотиите со кои работат не се причина да не ги плаќаат и даноците, па од  УЈП информираат за зголемена наплата на ДДВ, данокот на добивка и персоналец.

(С.В.)