За новиот булевар низ Ќерамидница ќе се урнат 180 објекти

117

Пролетва ќе почне изградбата на новиот булевар кој ќе ги поврзе Аеродром и Гази Баба. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, вели дека проектот за сообраќајницата е готов, а деновиве ќе се знае и изведувачот на булеварот за чија реализација ќе треба да се отстранат 180 објекти низ Ќерамидница. Готов е и проектот за 120-метарскиот мост


Пролетва ќе почнат градежните активности на реализација на новиот коридор во нашиот град. Станува збор за булеварот кој ќе поминува низ населбата Ќерамидница и за кој, како што најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, проектирањето е завршено и исцрната е трасата каде ќе поминува.

– Отворањето на понудите за избор на најповолен понудувач на градежните активности е закажано на 14 февруари годинава. Со тоа ќе биде комплетирана првата фаза. Почнавме со експропријација и повеќе од 30 отсто од трасата на која треба да поминува новиот булевар во делот кај скопско Сајмиште е веќе расчистено. Очекувам дека ќе влеземе интензивно во експропријација и онака како што го најавив проектот за времетраење, очекувам дека ќе биде и завршен – вели Шилегов.

Тој потсети дека треба да бидат урнати 180 објекти низ Ќерамидница, а нагласи дека имало можност коридорот да поминува на поинаква траса.

– Ние изготвивме во таа фаза проект заедно со општина Гази Баба бидејќи градската траса требаше да поминува по општинската улица. Понудивме договор за меѓуопштинска соработка до општина Гази Баба, но Советот на Гази Баба каде што мнозинството го сочинува ВМРО-ДМНЕ го одби барањето на нашиот град. Тоа граѓаните на Скопје ги чини време и околу осум милиони евра повеќе, пари кои ќе треба да ги потрошиме за дополнителна експропријација – рече Шилегов.

Новиот коридор во градот задолжително ќе биде проследен и со нови автобуски линии на јавниот градски превоз.

Проектот предвидува и изградба на нов мост преку Вардар кој ќе ги поврзе општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Мостот ќе биде со должина од 120 метри, ќе се изгради во близина на хотелот Русија и ќе ги поврзе булеварот “АСНОМ# во населба Аеродром со булеварот низ населба Керамидница.

– Го добивме проектот за мостот како втора фаза што ќе оди преку Ќерамидница. Во моментот е на ревизија, па ќе ја распишеме постапката – рече Шилегов.

Овој проект е предвиден уште во ГУП-от од 1965 година, а досега за него никој во Градот ја немаше изготвено основната планска документација.

Исто така, треба да се направи и пробивање на нов и реконструкција на стариот булевар “АСНОМ# со должина од 2.170 метри. Градбата на овој коридор со мост предвидено е да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи.
(С.Бл.)