За заштита на животната средина лани потрошени 6 милијарди денари

14

Вредноста на трошоците за заштита на животната средина во 2020 година изнесувале 5.975.305.000 денари, а од вкупните плаќања и надоместоци за извршени услуги за заштита на животната средина, најголемо е учеството на платените надоместоци за постапување со отпад, 79,27 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Од вкупните трошоци за заштита на животната средина, најмногу трошоци се направени во индустријата и специјализираните производители, 3.220.093.000 денари или 53,89 отсто. Од направените трошоци за заштита на животната средина во индустријата и специјализираните производители, 44,04 проценти се наменети за инвестиции, а 55,96 отсто се за одржување на средствата.

Во вкупните трошоци за заштита на животната средина според еколошката намена, најголемо е учеството на трошоците за управување со отпадни води (39,08 отсто), учеството на трошоците за постапување со отпад (26,68 отсто) и на трошоците за циркулациски системи за снабдување со вода (19,07 отсто).

– Трошоците за заштита на животната средина се состојат од две компоненти: инвестиции во средства за заштита на животната средина и трошоци за одржување на средствата за заштита на животната средина. Учеството на инвестициите во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесува 65,46 проценти, а учеството на трошоците за одржување во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесува 34,54 отсто – наведува Заводот.