За загадениот воздух виновен е „Али експрес“

180

Само државните мерачи на квалитетот на воздухот се најверодостојни, а креирањето на политика со „али експрес“ сензори може само да предизвика паника помеѓу граѓаните. Ова го изјави заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули при пуштањето во употреба новиот, еколошки систем на греење и ладење, преку користење термални пумпи во градинката „Пролет“ во скопско Влае.

– Како и сите држави членки на Европската Унија, така и ние податоците и дефинирањето на политиката го правиме врз државниот мониторинг систем и инструментите што чинат многу пари. Креирајќи политика со „али експрес“ сензори може само да предизвика паника помеѓу граѓаните. Не велам дека нема загадување, но нема потреба да се прогласи алармантна состојба во градот. Оваа година не е загадено како другите години, бидејќи заеднички, координирано и благодарение на зголемената свесност на граѓаните и со активностите на централната и локалната власт имаме помалку објекти што загадуваат. И никаде во светот не постои друго решение за загадувањето на воздухот, освен со елиминирање на изворите на загадување – рече Макрадули.

Тој ги отфрли тврдењата дека Скопје редовно се наоѓа меѓу петте најзагадени градови во светот.

– Мерењата од државниот мониторинг центар покажуваат дека во октомври, ноември и декември 2019 година, споредено со петте изминати години, имаме драстично помало загадување на воздухот – изјави Макрадули и најави план за чист воздух „Јас не загадувам“, со кој државните институции повеќе нема да загадуваат.

Тој напомена дека треба да се прави разлика кога се кажува за отпад, или за опасен отпад, или, за отпад што се согорува.

– Министерството за животна средина не издава дозволи за увоз на отпад, освен ако не станува збор за отпад кој може да се употребува за нешто. На пример железото се користи како суровина, а потоа се извезува во странство. Затоа сите дозволи што се дадени се согласно законите што постојат во нашата држава, согласно светските стандарди – истакна Макрадули, и додаде дека не сака да верува во конспиративни теории и оти мора да им се верува на институциите.