За една година заловени 823 кучиња, а вдомени 120

36

Според податоците на јавното претпријатие „Лајка“, за една година од своето постоење биле заловени 823 кучиња, додека кастрирани биле 361 и стерилизирани 312 бездомни кучиња.

Притоа, во Скопје биле вдомени 120 кучиња, додека во странство 48.

Како што информираат од „Лајка“ на локацијата од каде биле заловени, по нивните третмани биле вратени 587 бездомни кучиња, а на сопствениците им биле вратени 32.

Имало и кучиња со микрочип кои биле напуштени, а такви биле 17. Угинале 5, а биле евтаназирани 15 кучиња.

Ова претпријатие официјално почна со работа на 14 октомври, минатата година.   Скопскиот градоначалник Петре Шилегов формирање на јавно претпријатие за улични кучиња, во чие управување ќе бидат вклучени и здруженијата за заштита на животните најави уште на крајот на јануари 2019 година.

Како што кажа тогаш Шилегов, ново јавно претпријатие ќе се формира бидејќи ниту тој, ниту граѓаните и здруженијата за заштита на животните, не биле задоволни од досегашниот третман на бездомните животни и дека стационарот повеќе нема да биде во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“, туку ќе добие еднаков статус со другите јавни претпријатија кои се занимаваат со комуналните дејности во градот.

Одлуката за формирање на ова претпријатие беше донесена на седница на Советот на Град Скопје, на 28 февруари, 2019 година.

Новото јавно претпријатие под своја надлежност во целост ги презема активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани.

(А.П.)