За Владата, прифатливи се сугестиите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за намалување на субвенциите од страна на државата за плаќање на електричната енергија. Тоа, според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, значи дека ќе поскапи струјата за поголемите корисници, односно за оние што активно користат електрична енергија од третиот и од четвртиот блок.

– Ние имавме година во која субвенционирањето на домаќинствата и на малите потрошувачи достигнуваше 80 отсто. Tоа е неиздржливо за една мала земја како нашата. Годинава, тоа субвенционирање е намалено за некаде 60 отсто, и тоа е трендот по кој треба да се движиме. На препораката на ММФ за проширување на тарифните блокови ќе одговориме со проширување на третиот и, најверојатно, на тарифниот блок четири, со тоа што опфатот да биде поголем за оние што трошат повеќе. За најранливите и за оние што штедат вистински, ќе се задржи истата цена на електричната енергија – вели вицепремиерот Битиќи.

Од друга страна, пак, Владата со „убава“ вест за домаќинствата, особено за оние со помали примања и за пензионерите. Од 1 декември се враќа дневната тарифа, која беше укината пред две години. Поевтина струја ќе има во периодот од 13 до 15 часот, што ќе овозможи заштеда на сметките за електрична енергија на околу 200 илјади потрошувачи што имаат таканаречени смарт броила и оние што имаат непречен пристап до броилата на ЕВН​​​​​​.

Одлуката ја донесе Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), од каде што очекуваат оваа промена да има позитивно влијание на потрошувачите, овозможувајќи им да го намалат својот трошок за електрична енергија преку искористување на поволните цени во определениот период од денот. Исто така, се очекува дека оваа мерка ќе придонесе за подобро управување со енергетските ресурси и ќе помогне во областа на енергетската ефикасност во земјата​​.

Овој период и не е добар за вработените домаќинки, кои се на работа до 15 или до 16 часот, но е идеален за пензионерите, кои по цел ден се дома и може во тие два часа кога е евтината тарифа, да зготват ручек, да исперат или да подзагреат вода. Некои сметаат дека цената на струјата е висока и нема да може да се компензира потрошувачката со тие два часа дневно, затоа предлагаат за граѓаните да има постојана и евтина цена на електричната енергија.

Експертите поделени. Едни велат дека во периодот на евтина струја ќе има зголемена потрошувачка на струја, која ќе треба да се избалансира, но прашање е кој ќе го направи тоа. Дали ќе бидат тоа термоелектраните, кои ќе мораат да работат со зголемено производство? Кога се тие надвор од системот поради чести исклучувања предизвикани од дефекти или испади, тогаш треба да се вклучат хидроцентралите, што е, исто така, ризик, затоа што акумулациите, поради сушата, се испразнети и, можеби, резервите вода ќе се чуваат за во зима. Во тој случај, ќе треба да се купува електрична енергија од увоз, која зимава не се знае по која цена ќе биде. Од Владата најавија дека ќе се продолжи со субвенционирањето на трошоците за производство и снабдување со електрична енергија од буџетот на државата, односно граѓаните повторно ќе го платат цехот.

Други експерти, пак, ја одобруваат дневната евтина тарифа, бидејќи сметаат дека ќе ја поттикне потрошувачката на струја во периодот кога има повисоко производство, а со тоа ќе се намали потребата од увоз на струја. Тие велат дека оваа мерка ќе ги стимулира домаќинствата да инвестираат во енергетски ефикасни уреди и да ги искористат можностите за субвенции и кредити за обновлива енергија.

Поевтина дневна тарифа за струја имаше и претходно. Таа тарифа важеше сè до 2012 година, кога беше укината поради трошоците за увоз, но одново беше вратена во 2017 година и пак се укина пред две години.

(С.Бл.)