Првата официјална современа танцова компанија во државата Скопје танцовиот театар, во континуитет веќе десет години активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена.

Овој театар кој во континуитет создава танцова магија, официјално почна со работа пред десет години со претставата „Меѓусвет“ во кореографија на Рисима Рисимкин, а в петок (9 април), во 20 ч., по повод јубилејот онлајн ќе ја прикаже претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ (https://www.youtube.com/watch?v=4TjZ5eIw1ZQ&t=5s).

“Скопје танцовиот театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц. Има остварено повеќе целовечерни продукции зад себе, како: „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“; „Идентитети“; „Дома“, „Луцидниот Јос“, “Меѓусвет“; “Орландо“; “Човек во ходникот“;“ХОТ“; “Потрага“, серијата претстави под име “ИМПУЛС“, потоа “О!(тело), “СМС (сите мои слики), “Блесок“; “Патот“, “Кожа“, “Нулта точка“, „Д.О.Л.“, „Егзистирање“, како и повеќе кратки кореографии. Во неговиот репертоар, покрај делата на Рисимкин, се изведуваат дела на кореографите: Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД; Џоан ван Дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија; Катцура Кан од Јапонија; Антон Рудаков од Германија; Антонело Тудиско од Италија; Јотам Пелед од Израел; Шимон Кубан од Република Чешка и други.

На сцената на Скопје танцовиот театар свое деби имаа и повеќе млади кореографи, меѓу кои: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Киселичка, Дора Кокољ, Валентино Апостоловски, Александра Петрушевска, Андријана Андреева и други. Компанијата има остварено повеќе гостувања, низ Македонија, како и во странство, и тоа во: Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, (2011); Саем за танц, Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија (2012); ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, (2013); “Meet in Beijing”, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, “Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015), “Share” фестивалот, во Братислава, Словачка (2017 и 2019). Во 2021 Скопје танцовиот театар, како круна на своето десетгодишно постоење, има покана да гостува во Националниот театар Шајо во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижните светски театри за современ танц. (Фото: Од архивата на Скопје танцов театар)