За две недели само со две дози на вакцина ќе може да се оди во кафеана!?

Филипче: Есенски силен бран нема да има, ама треба да сме внимателни

133

Есенски силен бран на коронавирусот во Македонија не се очекува, бидејќи како што вели министерот за здравство Венко Филипче секојдневно опаѓаат бројот на заразени лица и на хоспитализирани. Сепак, според Филипче не треба да се опуштиме, а вакцинацијата е важен сегмент да не расте бројот на заразени, оти изминатиот период кога во градовите каде што има висок процент на имунизирани граѓани немаше притисок врз болниците.

– Не очекуваме силен бран, односно притисок во болниците, но ние сме спремни да се прифатат пациентите во кој било град. Овој бран беше силен и имаше голем број на новодијагностицирани и пациенти на кои им беше потребно болничко лекување само во градовите каде што е низок опфатот со вакцинација, а во градовите каде беше повисок немаше гужви во болниците. Сега на територија на државата е пораснат опфатот со вакцинација, сметам дека силен бран не би требало да има, но тоа не значи дека не треба да сме внимателни и да ја следиме состојбата – објасни министерот Филипче.

Според него, вакцинацијата го прави своето, бидејќи доколку се заразат вакцинирани лица тоа ќе биде со полесна форма на болеста и тоа е нешто што е случај и во другите земји каде што прилично е висок опфатот со вакцинација.

Во моментов со прва доза во земјава се вакцинирани околу 790.000 граѓани од кои 750.000 се и ревакцинирани, а околу илјада граѓани примиле и трета доза.
Ваквите бројки, посочува Филипче, упатуваат на тоа дека 45 отсто од полнолетното население во државата е вакцинирани, додека ако се земе предвид целокупната популација, тогаш опфатот е околу 38 отсто.

Министерот најави дека за две недели треба да се воведе и најавената мерка дека за влез во затворено ќе бидат потребни две дози наместо една како што е случај сега. Тоа е препорака на Комисијата за заразни болести, за што треба Владата да одлучува.

Што се однесува за скандалот што го обзнани Државниот здравствен и санитарен инспекторат дека лекар „фантом“ две недели лекувал пациентка во домашни услови, освежувајќи ја со засега непознати лекови, а таа починала по само неколку часа од хоспитализацијата, министерот за здравство Венко Филипче вели дека сè уште се истражува случајот, за што е информирано и Министерството за внатрешни работи.
Како што посочи Филипче, единствено што засега е познато е дека случајот го пријавил лекар од ГОБ „8 Септември“ кој ја примил пациентката.

-Ексклузивното право да комуницира и да дава препораки за лекување во домашни услови го има матичниот лекар, поради можноста 24 часа да комуницира со пациентот, да направи проценка на состојбата, да каже дали е за домашно лекување или евентуално да препрати на лекар специјалист и за хоспитализација- објасни Филипче.

Тој апелираше до граѓаните начините на лекување од Ковид да се дискутираат само со матичниот лекар или со лекар специјалист.

-Поради тоа нема еден универзален протокол за лекување. Има протоколи коишто се пратат согласно клиничката слика, манифестацијата и евентуалното присуство на хронични болести. Така што, важно е секогаш да се консултира лекар или матичен, а по препорака на матичниот и лекар специјалист.

(В.Ма.)