За време на обуката, невработените ќе добиваат 11 илјади денари надоместок

3444

Кумановскиот центар за вработување ги повика заинтересираните работодавци и невработени лица да се пријават за мерката – обука на работно место со субвенционирано вработување. Финансиска поддршка добиваат и невработените и работодавците од Куманово, појаснуваат од Центарот.

– Со мерката, предвидено е да се обучат невработените за конкретно работно место, работодавците да добијат обучен кадар, кој самите го креираат, при што сите добиваат поддршка од АВРСМ. Првите три месеци, невработените посетуваат обука, доколку успешно ја завршат, добиваат и вработување. Оваа мерка е комбинација од обука и вработување. За време на обуката, невработените добиваат надоместок од 11.000 денари бруто, а потоа, доколку го вработат лицето, работодавците добиваат шест месеци по 19.000 денари за исплата на дел од платите. Работодавците добиваат и еднократен надоместок од 25.000 денари по обучено лице по завршената обука – изјави раководителката на Центарот за вработување Куманово, Марија Димитријевска.

Работодавците што ја користат мерката, се обврзани да ги вработат успешно обучените лица по завршување на субвенционирањето во дополнителен период од уште дванаесет месеци.

Предност за користење на оваа мерка имаат неколку целни групи: корисниците на социјална помош, жените, Ромите, младите до 29 години долгорочно невработени, лицата со попреченост.

Сепак, како што појаснуваат од Центарот, за користење на мерката, важни се и потребите на работодавците, кои бараат одредени квалификации за одредени работни места.