Деновиве во нашата јавност како вистински слатка медиумска бомба одекна веста за една многу интересна фолк-сликовница, а реализирана по идеите на популарниот македонски пејач Душко Дуле Георгиевски и музичкиот педагог, музички соработник и инструменталист Бајса Арифовска.                                                                          Сликовницата носи наслов по еден од најголемите македонски хитови од народната музика “Слушам кај шумат шумите“. Целта е да се даде придонес кон зачувување на македонското фолклорно творештво и тоа да им се понуди на децата во една форма која е прифатлива за нив. Првата ваква сликовница на своите страници го содржи текстот на споменатата песна како и нотни записи за истата.

–Тоа е за да им се пренесе македонската народна песна и на децата, тие од мали нозе да ја засакаат, сакаат низ животот, да ја слушаат. Да не биде дека децата, за жал, ни знаат само за Цеца или Северина, додека нашите фолк-бисери неправично паѓаат во заборав. Да се продолжи со негувањето на нашето фолк-богатство, нашите народни песни кои странците често ни ги крадат, како и да се зачува националната припадност, вели популарниот Дуле.
За поголемо естетско доживување на песната и содржината, сликарката Маја Димитрова направи уникатни илустрации, автентични на текстот. Ликовното и графичко уредување е дело на Елена Димитрова. (Д.М.)