Заштедите во Еуростандард банките ги исплаќаат три години, ама повеќето поитаа да си ги земат уште првиот ден

Од Фондот за осигурување на депозити во четирите банки се префрлени 68,3 милиони евра, колку што стечајниот управник Душко Тодевски пресмета дека треба да им се вратат на штедачите како осигурени заштеди. Сумата е значително намалена во однос на претходно објавената, зашто од заштедата се одбиени долговите кои штедачите ги имале кон Еуростандард банка, исто така, не се исплаќаат штедните влогови на членовите на Управниот и надзорниот одбор на банката и на нивните роднини од прв степен, нема пари и за штедачите со привилегирани камати, а замрзнати се парите за кои е докажано дека се „испрани“.

332

Штедачите во пропаднатата Еуростандард банка од вчера, па во наредните три години можат да си ги подигнат заштедите до 30.000 евра преку една од четирите банки во кои се распоредени.

Иако им е даден подолг рок за исплата, исплашени од тоа случајно да не останат без партите што и ги довериле на банката на која и верувале, а која пред еден месец отиде во стечај, голем дел од нив застанаа пред банките уште првиот ден. Тоа ги зголеми и онака големите редици и метеж пред некои банки, особено во помалите градови каде што има помалку шалтери.

За да нема забуни и недоразбирања Стопанска банка Скопје, Комерцијална банка, НЛБ Банка и Халкбанка, преку кои Фондот за осигурување на депозити – ФОД ги исплаќа заштедите од Еуростандард, ден претходно до граѓаните испратија соопштение со информации кој во која банка треба да дојде по парите. НЛБ Банка, на пример, им понуди на депонентите кои се распоредени кај неа трансакциската сметка, доколку ја немаат, да ја отворат електронски.

Од Стопанска банка, пак, информираа дека трансакциската сметка се отвора на шалтер, и им понудија на граѓаните кои се обесштетуваат да отворат депозитен производ по свој избор.

-Податокот за износот на обесштетување по депонент е добиен од ФОД и во случај на евентуални реакции за истиот, Стопанска банка не одговара ниту пак има можност да врши дополнителни проверки и корекции. Во таков случај клиентот се упатува за понатамошна постапка во ФОД, информираат од оваа банка.

Од Фондот за осигурување на депозити во четирите банки се префрлени 68,3 милиони евра, колку што стечајниот управник Душко Тодевски пресмета дека треба да им се вратат на штедачите како осигурени заштеди. Сумата е значително намалена во однос на претходно објавената, зашто од заштедата се одбиени долговите кои штедачите ги имале кон Еуростандард банка, исто така, не се исплаќаат штедните влогови на членовите на Управниот и надзорниот одбор на банката и на нивните роднини од прв степен, нема пари и за штедачите со привилегирани камати, а замрзнати се парите за кои е докажано дека се „испрани“. За сите останати предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година.

Заедно со граѓаните кои штеделе во пропаднатата банка се исплатуваат и самостојните вршители на дејност кои биле регистрирани како трговци поединци, како на пример адвокати, извршители, месарници и слично.

Парите на штедачите се префрлуваат на трансакциска сметка, а исплата во кеш е можна само кога депозитот не е поголем од 5.000 денари, а штедачот нема сметка во банката во која ги подига.

Откако ќе поминат трите години за подигање на парите преку банките, исплатата нема да сопре, туку ќе се врши преку Фондот.

Во меѓувреме за да ги смири духовите и да ги демантира бројните шпекулации што се шират околу стечајот на Еуростандард банка, стечајниот управник Тодевски испрати соопштение во кое нагласи дека од сите експозитури на банката кои биле во деловен простор што не бил нејзина сопственост се прибрани и заштитени севкупната опрема и мебелот кои се дел од имотот на банката.

-Истовремено, прибрана и заштитена е и севкупната документација од овие експозитури. Ваквата активност е спроведена затоа што веќе се раскинати договорите за закуп на деловен простор. Со ова максимално се избегнуваат непродуктивни трошоци во текот на стечајната постапка и дополнително се заштитува стечајната маса, во функција на исплата на побарувањата на доверителите, потенцира стечајниот управник.

(С.В.)