Со 16 секунди молк за 16-те години потрошени како земја кандидат за членство во ЕУ, вицепремиерот Никола Димитров го почна својот говор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде што се обрати како специјален гостин на есенската сесија. Парламентарците беа во чудо, но набрзо Димитров им ја расчисти дилемата.

– Не си ја заборавив мислата, ова беа 16 секунди, што се видоа долги, па можете да доловите колку долги изгледаат 16-те години за мојата земја што од 2005 кандидат за членство. Северна Македонија покажа посветеност кон постигнување на суштински промени за европско уредување дома, но и зрелост и одлучност на вистински европски партнер, што ги разбира различните позиции и ги претвора во прифатливи решенија, затоа што ја споделуваме оваа визија за обединување на Европа. Наметнатите пречки на патот кон ЕУ од страна на Софија не се територијални, реформски, туку историски и јазични и директно засегаат во нашата идентитетска определба, но и во она што е душата на Европа и европскиот идентитет и имаат реални импликации во однос на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот и континентот. Во 21-от век во Европа, прашањето на мојот мајчин јазик не смее да биде во судир со напредокот на државата кон членство. Не, ако Европа е континент каде се почитува културната и јазична шареноликост, како што стои во Лисабонскиот договор – рече Димитров.

Вицепремиерот од неговата некогашна колешка, Екатерина Захариева, бугарска пратеничка, со која си  фрлија и отровни стрели  во текот на сесијата, доби “единица“ бидејќи била разочарана од неговите одговори.

-Крајно сум разочарана од незадоволителните одговори на вицепремиерот на Република Северна Македонија Никола Димитров, кој беше гостин на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, напиша  Захариева, на фејсбук.

Захариева вели дека само таа од бугарските делегати добила можност да поставува прашања поради недостаток на време. Таа го праша Димитров што прави владата на РСМ за да го надмине негативниот тренд поврзан со притисокот и дискриминацијата врз граѓаните на РСМ со бугарско потекло, кон кои се упатени, како што рекла, закани злосторства од омраза и дали Владата во Скопје има намера да ја спроведе резолуцијата на Советот на Европа од 2006 година, со која се бара осуда на тоталитарните режими?

„Македонија е единствената земја со такво минато што се уште не го сторила тоа и не обезбедила рехабилитација на жртвите од комунизмот. Дали неговата влада има намера јавно да отвори архиви со досиеја на поранешната тајна служба? На првото прашање одговорот беше дека нема дискриминација кон Бугарите, а на второто, не слушнав никаков коментар, вели Захариева.

Сепак на нејзиното прашање, вицепремиерот дал одговор дека во Македонија нема ниту еден единствен пријавен случај за дискриминација врз основа на бугарска националност.

„Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања ви се дел од домашна политичка битка или се резултат на некаков меур во кој сте и навистина верувате дека се врши некаква дискриминација. Северна Македонија е мултиетничка држава и за разлика од други земји од регионот, кај нас малцинствата се апсолутно признати со гарантирано право на еднаквост и на самоопределување, кажа Димитров пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде што се обрати како специјален гостин на есенската сесија.Што се однесува до говорот на омраза, тој одговорно тврди дека од страна на официјални државни претставници нема такви случаи.

-Се разбира дека осудуваме инциденти со говор на омраза, но треба да имате предвид дека кога на некој народ се обидувате да му ги оспорите јазикот и правото на самоопределување, очекувано е да има револт. Вашата политика е инвестиција во антагонизам, а не во пријателство, рече Димитров