Затвор до 10 години и 30.000 евра за загрозувачите на животот и здравјето на бремените жени

48

Еколошкиот криминал и прашањата за животната средина се особено важни за Македонија, како земја во развој, каде што главните предизвици во оваа област се идентификуваат во загадувањето на воздухот, управувањето со отпадот, квалитетот на водата, заштитата на природата, индустриското загадување и управувањето со ризици.

За таа цел, Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА), во рамки на проектот „Добро управување со животната средина”, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, а со поддршка на британската амбасада, изработи анализа на родовите аспекти за превенција на еколошкиот криминал. Тие одат во насока на промени во Кривичниот законик, каде што фактор за определување на казната треба да биде и родот, особено доколку се засегнати бремените жени.

– Висината на казната треба да биде пропорционална со сериозноста на повредата. Во Кривичниот законик предлагаме при криминализација на делата кои ги загрозуваат човековите здравје и живот, да се има предвид родовата сензитивност во определување на сериозноста на повредата – велат од ЦПИА.

Оттаму појаснуваат дека од аспект на загадувањето на водата за пиење (член 219), законодавецот треба да има предвид дека одговорностите на жените за готвење и за чистење ги прават поподложни на заболувања предизвикани од водата и загадувањето на изворите на вода.

Оттука, законодавецот треба да го има предвид влијанието од загадувањето на водата за пиење за различни групи луѓе и соодветно да предвиди казна. Дополнително, при определувањето на казната, треба да биде земен предвид и податокот дека мал процент жени имаат покриено здравствено и пензиско осигурување.

Според Стокхолмската конвенција, изложеноста на неразградливите органски загадувачи има особено штетно влијание врз здравјето на жените, а преку нив, и на идните генерации.

Овој проблем е особено изразен во земјите во развој. Затоа, потребно е овие лица да се запознаат какво е влијанието на неразградливите органски загадувачи врз животната средина.

Од ЦПИА сметаат дека е потребно да се усогласи Кривичниот закон со Директивата на ЕК за одговорност кон животната средина во делот на изрекување санкции за оние што ги загрозуваат животот и здравјето на бремените жени и на лицата со посебни потреби.

– Оној што со испуштање отровни или издувни гасови, на поголемо количество од максимално дозволеното со закон на материјали или јонизирачко зрачење во воздухот, водата или во почвата или на друг начин може да предизвика или ќе предизвика значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата или на почвата или опасност за животот или здравјето на бремените жени или на лицата со посебни потреби, ќе се казни со затвор од четири до десет години и со парична казна од минимум 30.000 илјади евра – предлагаат од Центарот.

Исто така, со драконска глоба или казна затвор да се санкционира „службено или одговорно лице во правно лице кое со непридржување кон прописите за заштита на животната средина ќе пропушти да постави уреди за пречистување или ќе дозволи изградба, пуштање во дејство или користење погон кој ја загадува животната средина или на друг начин ќе пропушти преземање мерки за спречување или оневозможување на загадување на воздухот, почвата, водата, кое ја надминува дозволената граница или за спречување бучава што значително ја надминува дозволената граница и со тоа ќе предизвика опасност за животот или здравјето на бремените жени и на лицата со посебни потреби, ќе се казни со казна затвор најмалку четири години и парична казна од минимум 30.000 илјади евра“.

Слични казни се планираат и за други сторители/загадувачи на воздухот, на создавачи на диви депонии или за неправилен третман со отпад.

(С.Бл.)