Засадени 150 дрвца долж „Милениумската патека“ на Сува Гора

67

Околу 150 дрвца се засададени долж „Милениумската патека“, во рамките на  планинарско-рекреативна акција која се спроведе во неделата на падините на Сува Гора. Во организација на планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово, Македонската православна црква и Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи 105 учесници ја поминаа патеката долга девет километри и учествуваа во акцијата.

– Планинарско-рекреативната акција започна од тетовското село Блаце и заврши во селото Волковија. Дрвцата се засадија на две локации кај црквата „Света Екатерина“ во Стенче и во близина на месноста Чука кај Волковија. Имаше голем број млади и деца, со оглед дека станува збор за лесна патека за пешачење – информираа од ПК „Јелак“.

Оваа акција се организира вторпат, а поводот е одбележување илјада години од Охридската архиепископија. Поздравно слово во црквата „Света Мина“ во Волковија каде заврши пешачењето одржа митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф.

– Патот на нашата Црква бил како оваа патека. Полн со восочини, но и со падови. Пред нас го поминале нашите предци, нашиот народ и свештенството, па страниците на нашата историја се исполнети со богати содржини, како што оваа патека е исполнета со нашето милениумско и постаро црковно и културно наследство: бројните археолошки локалитети, ранохристијанските храмови, поновите цркви и манастири – истакна владиката Јосиф.

Учесниците на Милениумската патеката ги поминаа православните цркви „Пресвета Троица“ и „Света Петка“ во Блаце, ранохристијанската базилика во областа Граиште, „Свети пророк Илија“ и новоизградената црква „Света Екатерина“ во Стенче. Во Волковија се поминаа „Свети Атанасиј“,„Свети Георгиј“ при некогашниот „Волковски манастир“ и „Свети Мина“.