Започнува втората сезона на 43. Денови на македонска музика

140

Со концерт на Ивана Мазнејкова и Ана Мазнејкова вечер ќе биде отворена  втората сезона на 43. Денови на македонска музика. Нивниот концерт, наречен С2Е1: Детско матине ќе се одржи денеска со почеток во 18 часот, во Музеј на македонската борба, со дела од авторите С. Стојков, Б. Цанев, М. Николовски, Б. Светиев, С. Гајдоска, А. Пандевска, Д. Андовска.

На 19 октомври, е  предвидена реализација на камерен концерт насловен „Омаж на проф. Благој Цанев“ во чест на неодамна починатиот македонски композитор.  На концертот ќе настапат Александар Иванов и Ева Богоевска, реномираните Гонце Богоромова, Паскал Краповски, Владимир Лазаревски, Здравко Ангелов, Ванчо Стојановски, Владимир Костов, Владимир Крстев, Марко Виденовиќ и светската, но македонска ѕвезда- Симон Трпчески.

Програмата продолжува  со цикилусот „Запознајте го композиторот“, каде што присутните ќе можат преку анегдоти и провокативни прашања да дознаат нешто повеќе за животниот пат и творештвото на авторите.

На 20 октомври, во Музејот на македонска борба ќе присустува годинешниот лауреат на „Трајко Прокопиев“ наградата за животно дело – професорот Живоин Глишиќ, заедно со модераторот, еден од најреномираните и секогаш активни новинари од областа на културата, Тони Димков

На 21 октомври, во 20 часот започнува С2Е4:ConTemporaRies, каде под уметничкото раководство и диригентска палка на Ангел Спироски ќе настапи единствениот ансамбл, специјализиран за современа музика во Македонија, ConTempora. Тие на програмата ги имаат своите современици од најмладата генерација композитори, како Н. Крстевски, А. Спироски, Г. Симоноски, К. Силкер (Холандија/Македонија), Б. Светиев, Д. Темков и Б. Поповиќ (Србија).

Втората сезона на Денови на македонска музика завршува со С2Е25: Концерт на Скопски Дувачки Квинтет, еден од најстарите активни ансамбли на македонската сцена, кои секогаш имаат на својот репертоар дела од македонски автори и се активни амбасадори на македонската музика низ целиот свет. На нивната програма се дела од легендите на македонската музика- Т. Прокопиев, Љ. Бранѓолица, А. Лековски, Д. Ортаков и Т. Манчев.

Сите настани ќе бидат одржани во Музејот на македонска борба, а организирани се според сите мерки и протоколи за заштита од коронавирусот. Влезот за настаните е слободен, со претходна резервација