Започна чистењето на дива депонија покрај патот што води до изворите Рашче

77

Град Скопје заедно со ЈП „Комунална хигиена“ започна со чистење на големата депонија створена меѓу патот што води од Сарај кон село Рашче и реката Вардар. Оваа депонија нелегално се полни со години со земја, градежни материјали, кревети, пластика, стари телевизори, даски, облека.. Депонијата се протега неколку километри и никој не ја чисти, а ѓубре се таложи секој ден што негативно влијае врз хигиената, животната средина и здравјето на жителите.

Од ова сметиште ќе бидат подигнати над 2.000 кубни метри отпад.

– И покрај редовните апели и различните начини на кои кабастиот отпад кој се исфрла на овие депонии може легално да се депонира, сепак загадувањето продолжува. Со оглед на тоа дека уште од самиот почеток една од нашите најстратешки заложби беше чисто Скопје, започнавме со расчистување на дивата депонија кај Сарај и отстранување на ѓубрето и шутот присутни тука со години. Овој потег е уште еден чекор напред кон поубаво, почисто и поздраво Скопје – истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој истакна дека целта е да се спречи повторно создавање на депонијата, нејзино палење и загадување на амбиентниот воздух.

– Градот Скопје изминатиов период интензивно работи на расчистување на повеќедецениски диви депонии. Ја расчистивме депонијата во Кисела Вода, во Мичурин, во Визбегово и во дел од Вардариште кои полека прераснуваат во убави паркови и во места каде што скопјани може да го поминуваат своето слободно време во здрава животна средина – рече Шилегов.

Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети упати апел до сите што ги прекршуваат законите со тоа што кабастиот отпад и градежен шут го одлагаат на ваков начин.

– Ќе ја активираме инспекциската служба да не ни се повтори во иднина ваков шут, иако во нашиот мандат два пати за чистевме депонијата. Станува збор за огромна депонија. Функционираат заедничките инспекциски служби и убеден сум дека овој заеднички начин на работа на инспекциските служби ќе вроди со плод. Ние како општина, но и од Град Скопје имаме казнето прекршители, но очигледно тоа не е доволно – нагласи Беџети.

(С.Бл.)