Започна трката за престижната „Златна палма“: Со говор против ѕидот на Трамп и зомби филм стартуваше Кан

63

Филмскиот фестивал во Кан се соочи со тежок старт кога претседателот на жирито ги обвини светските лидери дека владеат со „гнев, лутина и лаги“… „Преовладува реториката околу имиграцијата, вклучувајќи ја и идејата за граничен ѕид меѓу САД и Мексико што може да доведе до уште една светска војна. Проблемот е во тоа што ни се случува незнаење“, кажа режисерот Алехандро Ињариту

Со премиера на комедијата „Смртта не умира“ („The Dead Don’t Die“) на Џим Џармуш, моќниот говор на мексиканскиот режисер и оскаровец Алехандро Гонзалес Ињариту и со прогласувањето на фестивалот за отворен од страна на актерите Хавиер Бардем и Шарлоте Геинсбург вчеравечер стартуваше 72. издание на Канскиот филмски фестивал.

Откако Бардем и Геинсбург го прогласија фестивалот за отворен, a на којшто се очекуваат многубројни ѕвезди, меѓу кои и познатите режисери Квентин Тарантино и Педро Алмодовар, се прикажа сатиричниот хорор-зомби филм на Џармуш со Бил Мари и Адам Драјвер, кои глумат полициска двојка што се соочува со група крвави вампири. Во филмот настапуваат и Тилда Свинтон, Селена Гомез, Дени Гловер, како и музичките ветерани Иги Поп и Том Веитс.

Водител на свеченоста на отворањето на Канскиот фестивал беше Едуард Баер, кој ѝ оддаде почит на француската филмска режисерка родена во Белгија Агнес Варда, која почина во март годинава, на 90 години. На отворањето беше означено празно столче со натпис „Агнес В” (за Варда) и изведена песната „Without You“ од нејзиниот филм „Клео од 5 до 7″.

Отворањето го обележа и страсниот говор на претседателот на главното жири на 72. Кански фестивал, мексиканскиот режисер Алехандро Ињариту, во кој тој зборуваше за плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за изградба на ѕид на границата со Мексико, индиректно споредувајќи го овој чин со нацистичката реторика од 30-тите години во 20 век. „Преовладува реториката околу имиграцијата, вклучувајќи ја и идејата за граничен ѕид меѓу САД и Мексико што може да доведе до уште една светска војна. Проблемот е во тоа што ни се случува незнаење”, додаде тој. Филмскиот фестивал во Кан се соочи со тежок старт кога претседателот на жирито ги обвини светските лидери дека владеат со „гнев, лутина и лаги“.

Покрај Ињариту, во жирито се и актерката Ел Фанинг и Маимоуна Н`Диаје од Буркина Фасо, како и режисерите Аличе Рохвафер, Енки Билал и Робин Кампиљо, Кели Рајхард и Јоргос Лантимос, кои годинава на 25 мај ќе го прогласат добитникот на „Златната палма“.

Инаку, и годинава за наградата „Златна плама“ ќе се натпреваруваат 21 остварување, меѓу кои се мелодрамата „Болка и слава“ на шпанскиот режисер Педро Алмодовар и „Си беше еднаш во Холивуд“, во кој главните улоги ги играат Леонардо Ди Каприо, Бред Пит и Маргот Роби. На Фестивалот деби ќе има и биографскиот филм посветен на Елтон Џон „Рокетмен“, што кон крајот на месецот ќе може да се види во градските кина.

Покрај нив, тука се и двојните добитници на Златна палма Жан-Пјер и Лук Дарден од Белгија, Кен Лоач од Велика Британија, Теренс Малик од САД, Ксавиер Долан од Канада, а во конкуренција се и филмови од Кина и Јужна Кореја, Бразил, како и францускиот режисер Абделатиф Кешиш. Во натпреварувачкиот дел годинава ќе има четири филма креирани од жени. Еден германски весник тоа го опиша како „голема феминистичка офанзива“, со оглед на тоа дека за Канскиот фестивал тоа е многу бидејќи фестивалот важи за „машки клуб“, поради што минатата година 82 жени протестираа на славниот фестивалски црвен килим. По протестот уметничкиот директор Тјери Фремо вети поттикнување полова рамноправност.

„Златната палма“ за животно дело годинава ќе ја добие францускиот актер и голем шармер на филмското платно Ален Делон. Роден во 1953 година, Делон на филмското платно е од доцните 50-ти години, од кога сними повеќе од 80 филмови. Тој спаѓа меѓу најголемите актери на европската кинематографија. Наградата се доделува за „фантастичната присутност на легандарниот глумец во историјата на филмот“.

Канскиот фестивал, основан во 1946, е еден од најстарите и најпрестижни филмски фестивали на светско ниво.

Агенцијата за филм на Канскиот фестивал 2019

Агенцијата за филм ќе ги престави најновите македонски филмови на својот штанд во павиљонот на Југоисточна Европа SEE Pavilion no. 133, каде традиционално има голем број на посетители и професионалци од филмската индустрија, претставници од национални филмски центри и агенции и веќе се закажани бројни состаноци од кои се очекува да произлезат плодни соработки, соопштија од таму.

На отворањето на програмата Cannes Directors’ Fortnight 2019 во Théâtre Croisette беше прикажан омнибус од пет краткометражни филмови во кој со свој филм насловен „The Sign” учествуваше и македонската авторка Елеонора Венинова. „The Sign” е еден од петте краткометражни играни филмови снимени како дел од проектот Southeast European Factory во соработка помеѓу пет земји од регионот, меѓу кои е и Македонија.

На филмскиот маркет, кој се одржува во рамките на фестивалот од нашата држава, на 17 мај, петок, со почеток во 18 часот во салата GRAY 3, ќе биде прикажан филмот „Незаборавна пролет во заборавено село“ во режија на Куштрим Бектеши, ко-продукција помеѓу Мануфактура (Македонија), Media&Film (Косово) Ska-ndal (Албанија), и поддржан од Агенцијата за филм. Во рамките на фестивалот ќе се одржи и третата работилница од програмата за развој на сценарија, ScripTeast на која и претходеа, првата во Стердин, Полска, втората во Берлин на Берлинскиот филмски фестивал. Дел од оваа работилница ќе биде македонскиот автор Вардан Тозија кој беше селектиран за учество со сценариото за долгометражниот игран филм со работен наслов „М“, кој е во фаза на претпродукција.